Широка граѓанска кампања за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ

На денешната прес конференција која се одржа во паркот „Жена Борец“ граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ ја најави широката граѓанска кампања за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ, за кој граѓаните на Општина Центар ќе одлучуваат на референдум на 26-ти Април.

Даница Павловска од оваа иницијатива ја поздрави одлуката на Советот на општина Центар за донесената одлука да распише референдум за изгледот на ГТЦ и упати благодарност кон големиот број граѓански здруженија кои ја поддржаа оваа иницијатива, но и кон самите граѓани кои во изминатите две години учествуваа во активностите на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ со цел да се зачува изгледот на овој објект кој е од големо културно, но и архитектонско значење за целиот град.

Таа рече дека референдумот ќе испише нова страница во историјата на македонската демократија, овозможувајќи им на самите граѓани да учествуваат во донесувањето одлуки од заеднички интерес.

„Секој жител на општина Центар треба да го искористи своето право на глас и со тоа да придонесе кон развојот на демократијата во нашата држава. И покрај тоа што останатите граѓани на Скопје и Македонија нема да бидат во можност да гласаат, тие сепак ќе можат значително да придонесат за успешноста на овој референдум“, додаде Павловска и ги повика сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да помогнат со активно учество во нивните активности, но и преку информирање на своите познати и блиски кои имаат постојано жителство во општината Центар.

Заедничката граѓанска кампања за обнова на ГТЦ, но со зачувување на неговиот автентичен изглед официјално ќе започне во понеделник (6 април).  Од граѓанската иницијатива упатија повик кон секој граѓанин кој сака да волонтира, помогне, или на било каков начин да придонесе кон зачувување на ГТЦ, слободно да се пријави во регистарот за волонтери кој е поставен на Фејсбук страната „Го сакам ГТЦ“.

Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ презентираше и резултати од истражување на јавното мислење кое во изминатите денови било спроведено на територијата на општина Центар. Според овие резултати, 86,2% од граѓаните на Центар ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“, а дури 32,5% во изминатите две години учествувале барем во една активност или кампања како што е гушкањето, потпишувањето петиција или протестирањето. Истражувањето, исто така, покажало дека дури 85% од граѓаните на Центар ја поддржуваат одлуката да се одржи референдум за изгледот на ГТЦ, додека пак 82,1% се согласуваат со ставот дека „ГТЦ треба да се реновира но со задржување на автентичниот изглед на фасадата“.

„Токму овие резултати, на убедлив начин ја покажуваат поддршката од граѓаните која ние мора да ја оправдаме, но и да ги вложиме сите сили да ги поттикнеме на 26 април да излезат на гласање во што поголем број. Овој референдум мора да не обедини сите!“, додаде Даница Павловска.