Ширење на вирусот на љубов и смрт – предавање на Џули Реше

Со почеток во 20 часот, на 16 јуни во живо на официјалната Фејсбук страна на „КРИК“ ќе се одржи предавањето на Џули Реше – „Ширење на вирусот на љубов и смрт“.

„Колективната љубов и солидарноста најчесто се поврзуваат со живото-одржливото чувство на среќа, радост и исполнетост. Што ако таквото поврзување, е илузија која всушност им се заканува на колективната љубов и солидарност. Љубовта не ве прави среќни, таа бара вистинска грижа, напор, саможртва и способност да се споделат болката и страдањето на другите. Ве боли и уништува, ве приближува до смртта, наместо да ве прави поживи“, се вели во апстрактот за предавањето.

Џули Реше е професор по филозофија и директор на Институтот за психоанализа на Глобалниот центар за напредни студии, каде држи онлајн семинари на теми како што се филозофија и психоанализа. Завршила психологија на Универзитетот во Оксфорд и докторирала на Институтот за филозофија на Словенечката академија на науките и уметностите, која е водечки центар за проучување на филозофски ориентирана психоанализа. Студирала под менторство на Аленка Жупанчиќ, клучен теоретичар на модерната психоанализа, која самата била под менторство на Ален Бадиу и Славој Жижек.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.