Шилегов: За две години Скопје ќе стане вело-град

Годинава се градат и реконструираат нови 16 километри велосипедски патеки, а Скопје за две години ќе стане вело-град, најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на денешната презентација на Акцискиот план за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 година.

Акцискиот план кој се очекува да биде усвоен на 19 септември е направен од работна група во соработка со неформалната организација „НаТочак“.

„Согласно нашите планови, со гордост можеме да најавиме дека Скопје ќе биде велоград со развиена велосипедска мрежа, што ги поврзува сите населби во нашиот град“, потенцираше Шилегов.

Даниел Павлески од секторот за сообраќај на Град Скопје, детално образложувајќи го акцискиот план ги презентираше главните цели. Планот предвидува зголемување на должината на велосипедската мрежа за најмалку 50% до 2021 година, во однос на 2018 година, при што за истиот период се очекува 5% од вкупниот број на патувања да бидат реализирани со велосипед. Дополнително, реализирањето на планот треба да доведе до нула вело-сообраќајки со смртни последици, како и намалување на уделот од сообраќајот во емисиите на CO2 до 10% до 2021 година, споредено со 2017 година.

Планот се состои од 5 области на делувања: промена на однесувањето, на патниците, пријателска инфраструктура за возење велосипед, мултимодалност и примена на интелегентни транспортни системи, финансиска поддршка и мултифункционална рамка за управување и делување.

„Визијата е трансформација на Скопје во пријателски град за возење велосипед, и со тоа да се придонесе Скопје да стане град кој ќе биде пријатен за живеење, пристапен, паметен, одржлив, со безбедна сообраќајна мрежа, квалитетна животна средина и здрави и активни граѓани“, истакна Павлески.

Како што соопшти скопскиот градоначалник, лани биле изградени 14.6 километри велосипедски патеки, а годинава се градат и реконструираат велосипедски патеки со вкупна должина од нови 16 километри.

Мартин Колоски