Шилегов: Универзална сала ќе се реконструира во сегашниот облик и големина

Универзална сала нема да се руши, туку ќе се реконструира во сегашниот облик и големина, а средствата за таа намена треба да се добијат од претстојниот ребаланс на Буџетот на РСМ коj треба да биде изгласан деновиве, соопшти градоначалникот Петре Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје.

„Имајќи предвид дека стручната фела се изјасни дека на локацијата на Универзалната сала не е возможно да се изгради објект со поголеми димензии, мојата желба беше да се реконструира Универзалната сала во постојаниот габарит, а да изградиме нова концертна сала на друга локација“, најави тој.

Владата и на Министерството за култура ќе издвојат 2 милиона евра со ребалансот на државниот Буџет, кои како што посочи градоначалникот Шилегов, по носењето на ребалансот овие средства ќе бидат префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје.

„Во меѓувреме, ние вршиме проценки и пресметки за веднаш штом ќе ги добиеме средствата да може да ги започнеме постапките за јавни набавки и што е можно побргу да започне реконструкцијата на Универзалната сала. Јас се надевам дека сите постапки ќе се одвиваат брзо за на почетокот на следната концерта сезона, по 6 години, Универзалната сала повторно да биде отворена“, рече тој.

Додаде дека досега се одржале повеќе средби со Министерството за култура околу плановите за изградба на нова, поголема концертна сала која би ги задоволила потребите на градот.

На денешната 58.седница на Советот на Град Скопје советниците поставуваа прашања за работата на градоначалникот, градската администрација, јавните претпријатија и јавните културни установи во наша ингеренција.