Шесто издание на средношколскиот натпревар Trash fashion во МКЦ

Здружението на граѓани ОХО денеска во Младинскиот културен центар ќе организира шести натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали „Trash Fashion Macedonia“.

Натпреварот е наменет за средните училишта што се вклучени во програмата „Интеграција на еколошка едукација во македонскиот образовен систем“ која ОХО ја спроведува во соработка со Министерството за образование и наука.

„’Trash Fashion Macedonia’ е единствен настан од ваков вид во Македонија, чија цел е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба“, информира ОХО.

На шестиот натпревар учениците првпат своите креации ги работат на тема „Филмски и цртани ликови“ со можност да се претстават со настап од најмногу 60 секунди.

На натпреварот, со кој ќе биде одбележан Светскиот ден на животната средина,  ќе учествуваат тимови од 38 средни училишта во Македонија кои веќе четири месеци минуваат низ процесот на собирање, рециклирање и изработка на своите оригинални модни дизајни.

Тие ќе се натпреваруваат за прво, второ и трето место, за кои ќе одлучува  тричлено жири во состав: Бранислава Јанковска (Fashion Lover), манекенката Катарина Ивановска и Бојан Трајковски, фронтмен на Eye Cue.

За време на гласањето ќе настапат ученици од музичкото училиште Music House и членовите на Центарот за модерни и спортски танци Прима Данца.