Шесто издание на фестивалот De:sonanz

Шесто издание на фестивалот De:sonanz Шестото издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност „De:sonanz“ оваа година ќе се одржи од 22 до 25 октомври на различни локации во Скопје.

Фестивалот ќе биде отворен во 20 часот, во Кинотека на Македонија, со прикажување на најдобрите музички видеа од Германија за 2014 година, кои пред неколку месеци беа премиерно претставени на Фестивалот за краток филм во Оберхаузен.

Освен тоа, публиката ќе има можност да проследи селекција од 13 популарни, експериментални, политички и субверзивни, но пред сè забавни спотови од изминатите 15 години, кои се издвојуваат наспроти едноличноста на стандардните музички спотови направени за телевизиски потреби.

Шесто издание на фестивалот De:sonanz

Opium Hum

Музичката програма на фестивалот ќе започне истата вечер на полноќ во Капан Ан со програмата „BTKRSH Night“, која се реализира во соработка со колективот BTKRSH, еден од најактивните и најиновативните електронски музички колективи во земјава.

Со свои сетови ќе се претстави германскиот артисти Opium Hum, чии фантастични звучни пејзажи проширени со длабоки и менливи ритми создаваат состојба што може да се опише како „буден сон“ на кој совршено ќе се надоврзат мрачните и моќни техно звуци на Ancient Methods. Вечера ќе настапат и Марчин и Андреас Херц од BTKRSH со визуелна поддршка на Lazy Kidz Visualz.

Главната и последна фестивалска вечер ќе се одржи на 25 октомври во клубот Станица 26 каде покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор ќе имаме несекојдневна можност да го проследиме концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото Brandt Brauer Frick кое ја фасцинира публиката ширум светот со својот уникатен звук добиен со симбиоза на класични инструменти и електроника.

Фестивалот го организираат Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје и НВО Домино, а новина е приклучувањето на колективот BTKRSH кон фестивалскиот тим.