Шеста епизода од „Крушево низ корија“ на 15 август

На 15 август ќе се одржи шестата епизода на фестивалот на отворено „Крушево низ корија“.

„Новите Протоколи за начинот и условите за организирање на настани нема посериозно да ја нарушат традиционалната програмска шема на фестивалот“, велат организаторите.

Информираат дека секој учесник на фестивалот треба најпрво уредно да ја пополни апликацијата за пријавување која што е веќе објавена. Кај организаторот ќе добие ваучер и белезица со кој ќе може да ги користи сите услуги и погодности што ги нуди фестивалот.

„Планинарската тура ќе се одвива на релацијата Мечкин Камен – Крушево, во должина од 14 км. Истата би ја класифицирале во средно тешка тура која може да ја изоди секој од 7 до 77 години. Во 80%од патеката се движиме низ крушевската корија која изобилува со сенка, што е мошне пријатно за топлите августовски денови. Во текот на турата ќе се посетат двата манастири св. Василиј и св. Спас (каде што ќе има пункт со освежување). Во текот на патеката има пивка вода за пиење. Турата завршува во Крушево каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости“, стои во најавата за турата, која стартува од 10 часот на Мечкин камен.

Фестивалот вклучува и рекреативна велосипедска тура низ Крушевските знаменитости (10:15 часот) и офроуд велосипедска тура низ Крушевската корија (10 ч.). И двете стартуваат од Мечкин камен.

Исто така, фестивалот традиционално продолжува со тандем летови со параглајдер.

„Учесниците на фестивалот ќе го имаат задоволството да летаат со професионалните пилоти на SKY RIDERS по повластени цени“, стои во најавата за настанот.

Повеќе инфо околу „Крушево низ корија“ – тука.