Шест студентски научно-истражувачки конференции

Со цел овозможување на студентите да учествуваат во научно-истражувачките активности, Комисијата за наука во рамки на Универзитетското студентско собрание на УКИМ најавува шест студентски научно-истражувачки конференции. Конференциите ќе се одржат за прв пат оваа година во октомври, со исклучок на една од нив (Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој-СКЕЕОР) која се најавува за декември, и ќе се одржи по осми пат.

Останатите пет конференции претставуваат спој на неколку сродни науки во една конференција, организирани од страна на Факултетските студентски собранија, подржани од Комисија за наука при УСС-УКИМ.

Студентските научно-истражувачки конференции се:

МЕЕТ – Научна студентска конференција на студенти од филозофски и педагошки факултет;

СКГКП – Студентска конференција за глобални климатски промени;

СКУН – Студентска конференција на уметници и научници;

СНКН – Студентска научна конференција за нутриција;

НИСКЕП – Научно-истражувачка конференција на Економски и Правен факултет;

СКЕЕОР – Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој.

Со овие конференции им се дава можност на студентите да истражуваат и пишуваат за нешто што е од нивен интерес, што ќе им овозможи подобри познавања во одредена област од нивната област на изучување. Покрај тоа им се овозможува да ја научат и методологијата на пишување на труд и истражување. За прв пат, на сите студенти, без разлика дали се дел од УКИМ или не, им се нуди можност да бидат дел од настан на кој ќе бидат презентирани трудови напишани од нивни колеги на тема која што е од нивни интерес. Идејата е  да се зајакне меѓу-колегијална соработка, но и да се овозможи развивање дискусии на самата конференција на конкретни теми, како и вмрежување меѓу студентите и професорите надвор од часовите.

„Сметаме дека со овие конференции ќе го подигнеме стандардот на студирањето, ќе донесеме свежина во студентските програми како и студентскиот живот. Воедно, овие конференции претставуваат еден вид на платформа на која што ќе можат да творат сите студенти коишто имаат желба и амбиција да се занимаваат со научна-истражувачка дејност. Цел ни е да ги разбудиме нашите колеги да истражуваат повеќе за нештата коишто ги интересираат, да ја разбиеме монотонијата на студирањето и да покажеме дека ние студентите сме креативни, иновативни и квалитетни во нашите области на студирање“, порачуваат од УСС УКИМ.

Конференциите се отворени за сите студенти, без разлика од кој универзитет доаѓаат. Крајниот рок за аплицирање со апстракти на петте конференции е до 15.8.2020, а за шестата конференција (СКЕЕОР) крајниот рок за аплицирање е 1.10.2020.

Повеќе информации за конференциите можете да најдете на следниот ЛИНК.