Шест нови случаи на коронавирус, вкупната бројка на заразени се искачи на 48 пациенти

Денеска до 16 часот регистрирани се шест нови случаи на заразени со новиот коронавирус, со што бројката на заразени се искачи на 48 пациенти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Од шесте нови случаи, едно е четири годишно девојче во Штип кое се инфицирало во градинка во Англија, а кое со нејзиното семејство се вратило во земјата на 14 март, од кога се во домашна изолација, според нивното кажување. Девојчето моментално е сместено на инфективното одделение заедно со нејзината мајка, а како што додаде министерот Филипче, се проширува епидемиолошката анкета и ќе се земаат дополнителни брисови за луѓето кои се смета дека треба да бидат испитани.

Три случаи се регистрирани во Дебар, во рамки на скринингот што тековно се спроведува, додека во Скопје е регистрирано лице кое имало контакт со веќе дијагностициран пациент, позитивен на коронавирусот.  Заразена со новиот коронавирус е и жена во Гостивар, која неодамна се вратила од Швајцарија, а која исто така била во домашна изолација. Таа сама се јавила на тестирање и навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија.

„Во моментов се тестираат дополнителни 35 лица, за кои ќе известивме веднаш по изготвувањето на резултатите. Сите пациенти се стабилни во практично непроменета клиничка слика, како во клиниката, така и во Дебар. Пациентката која што е на респираторна машина е со стабилни витални параметри, нема знаци за влошување на состојбата“, соопшти Филипче.

Филипче истакна дека денеска е направена и домашна визита кај сите кои што се на домашно лекување.

„Даден им е алгоритам по кој што треба да се однесуваат, исто како за самоизолацијата, така и за текот на лекувањето, воспоставена е директна комуникација со докторите на инфективната клиника“, рече Филипче.

Исто така, тој соопшти дека денеска бил направен план за ставање во функција на третман на пациенти со коронавирус во болницата „8-ми Септември“, со оглед на тоа што, како што рече, се изнудува потреба на друг вид лекарска интервенција на пациенти кои што се сомнителни или потврдени случаи, и со цел да се зачуваат останатите капацитети.

„Во болницата ‘8-ми Септември’ денеска направивме посета со посебна комисија, директори на повеќе клиники, претставници на комисијата за инфективни болести, заедно на лице место се утврди и патот на движење на пациентите, делови за изолација во делот на тријажата, приемните амбуланти, една посебна операциона сала, една посебна ангеографска сала, еден посебен кабинет за ехо дијагностика, и еден целосно посебен одел, кој што во овој момент има 22 кревети и две респираторни машини. Со оваа практично ги обезбедуваме сите пациенти во државава, од момент кога ќе бидат дијагностицирани или пак ќе бидат сомнителни дека имаат коронавирус, а им е потребна некаква друга форма на хируршка или друг вид на интервенција, директно да бидат препратени во болницата „8-ми Септември“ со цел да не шетаат по другите јавно-здравствени институции“, објасни Филипче.

Моментално се работи и на планот за посебни пунктови во рамките на здравствениот дом во Скопје, вели Филипче, а повеќе детали најави во текот на следните два дена.

„Треба да стартува веќе на почетокот на следната недела според индикацијата на епидемиолозите, тоа што го зборувавме во врска со малку поширока индикација, во смисла на опфаќање на поголем број од граѓани со оглед на тоа што веќе има и локална трансмисија во градот Скопје“, посочи Филипче.

Бројот на новозаразени со коронавирусот во земјата се во пораст, посочи Филипче, и повторно апелираше дека не треба се да е оставено само на здравствените работници и здравствениот ситем, туку и дека исклучително е важна улогата на граѓаните и нивната свест,

„Сметам дека здравствениот систем засега е добро менаџиран, дека е исклучително добро што пациентите се откриваат во рана фаза, заради тоа што само пациенти кои се откриваат во касна фаза и директно ги зафаќаат местата во оделите за интензивна нега, е нешто што во многу земји практично го колабира здравствениот систем“, истакна Филипче.

Пред речиси една недела во општините Дебар и Центар Жупа беше прогласена кризна состојба поради позачестените случаи во тој регион, а деновиве таму се спроведува скрининг, односно тестирања на поголем број лица. Вчера, пак, претседателот на државата Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава. Вонредната состојба доаѓа по предлогот на владата од каде вчера соопштија дека се убедени како ескалацијата на вирусот може да се спречи со воведувањето на ваквата состојба.

М.К.