Шест научни откритија во 2016 кои можат да го променат светот

Освен смртта на безброј сакани познати личности, Брегзит, победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, насилството и тероризмот, во 2016 година сепак се случија и добри работи – барем на научен план.

Науката продолжува да открива и создава, со цел да до подобри, олесни, или продолжи човечкиот живот. Еве кои се нејзините најзначајни откритија за 2016 година.

Хранењето на крави со алги може да ја намали гладта во светот

Кога ја слушаме фразата „глобално затоплување“, најчесто замислуваме сообраќајни нереди, зголемени морски нивоа и жештини. Сепак, емисиите на стакленички гасови од превозните средства се должни за само 14 проценти од вкупните емисии предизвикани од човечки фактор.

За споредба, земјоделството е должно за многу повеќе – речиси четвртина од сите емисии, вцушност. Само стоката е должна за 14,5 проценти од стакленичките гасови ослободени на планетарно ниво.

Модерната стока се храни со исхрана базирана на житарици, кои многу го зголемуваат производството на гасови кај животните, кои не еволуирале за ефикасно да дигестираат толку богата храна. Сето тоа резултира во зголемено ослободување на метан, кој има потенцијал за глобално загревање 36 пати поголем од јаглеродниот диоксид.

Истовремено, побарувачката за месо се зголемува во земјите во развој, а на Земјата сега има 1,5 милијарди крави.

Но, австралиски истражувачи открија вид на морски треви (Asparagopsis taxiformis), со кои кравите можат да се храна, а ја намалуваат продукцијат на метан кај стоката од 50 до 70 проценти.

Доколку оваа исхрана, која се уште се тестира кај животните, се покаже успешна, тоа може да го намали производството на стакленички гасови како да престане сообраќајот и индустријата во една голема, развиена држава.

Близу сме до продажба на машка контрацепција

Во изминатиот половина век, товарот за превенција на несакана бременост падна на жените. И покрај децении поминати во истражување, се уште нема безбеден контрацептивен метод за мажи, настрана од кондомите.

Но, во 2016 беше создаден производот Васалгел, кој е досега тестира на зајаци и се покажа дека е ефективен во спречувањето на бременост во рок од една година. Проблемот со производот, засега, е начинот на примање на лекот – инјекција во пенисот. Иако инјекцијата е безболна, веројатно звучи многу пострашно за да биде веднаш пласирана на пазарот.

Васалгелот е гел кој ги полни и стопира vas deferens жлездите, стопирајќи ги сперматозоидите да поминат, а сепак дозволувајќи им на останатите флуиди да течат нормално.

За разлика од вазектомијата, третманот може да се спречи. Доколку примателот реши дека сака да биде плоден, гелот може да се извади.

Се роди бебе од три родители

Откако две деца и починале од ретка болест, а имала и четири спонтани абортуси, жена роди машко бебе кое има три родители, откако револуционерно медицинско истражување се потврди успешно.

Момчето било зачнато со користење на контроверзен третман за плодност, наменет за да им помогне на луѓето кои носат гени за ретки болести да имаат деца. Болеста во овој случај е синдромот Ли, ретко невролошко пореметување кое најчесто доведува до смрт. Мајката е носител на ретката болест, и иако таа е здрава, ДНК-та содржи ген кој подоцна е пренесен на нејзините деца.

Синдромот Ли вообичаено има брз прогрес и води до генерална слабост на организмот, недостаток од мускулна сила, и преголемо лачење на млечна киселина во телото кое предизвикува проблеми со бубрезите и респираторниот систем. Децата кои се болни од оваа болест ретко живеат повеќе од шест или седум години. Првото дете кое мајката го изгубила имало шест години, а второто само осум месеци.

Брачниот пар побарал помош од д-р Џон Женг, репродуктивен ендокринолог во New Hope центарот за плодност во Њујорк. Женг ги советувал да волонтираат за операцијата која доби огромно медиумско внимание минатата година, откако британските законодавци беа први кои го одобрија зафатот. Операцијата е се уште забранета во САД, што довело до тоа Женг и неговиот тим да ја извршат во Мексико, каде нема закони кои ја забрануваат.

Наречен „нуклеарен трансфер“, зафатот претставува отстранување на здраво јадро од јајце клетката на мајката и пренесување на истото на донаторска јајце клетка со отстрането јадро. Производ на тоа е нуклеарна ДНК од мајката и ДНК од митохондријата од донаторката. Потоа, јајце клетката е оплодена со сперма од таткото, со што во бебето има ДНК од три различни родители, мајката, донаторката на јајце клетка, и таткото.

Преносливи ХИВ тестови ќе ја направат СИДА-та лесна за дијагностицирање како дијабетесот

Благодарение на антиретровиралните лекови и техниките за мониторирање кои можат да го следат вирусот, СИДА денес не мора да значи „смртна казна“. Но, проблем е што за да се тестираат за ХИВ, луѓето мора да имаат пристап до современа медицинска установа. Две третини од новите инфицирања со ХИВ се случуваат во Африка, континент кој има недостаток на болници и лекови.

За целосно да се елиминира епидемијата на ХИВ, потребно е полесно и попристапно тестирање.

Токму на тоа работат Раџеш Гурала и неговиот тим доктори од Лондонскиот империјален колеџ. Како што опишуваат во своето истражување објавено во Scientific Reports, тимот развил тест со чип кој е голем колку USB стапче, а го покажува резултатот за само 20 минути. Уредот е сличен на тестовите за шеќер во крвта.

Доколку оваа технологија биле распространета на пазарот, пациентите со ХИВ ќе можат лесно да проверат колку се зафатени од вирусот, а дијагностицирањето ќе биде многу полесно и побрзо.

Ќе можеме да ги лечиме ирационалните стравови со лекови

Според професорот на психологија Мерел Киндт од Универзитетот на Амстердам, решението за да се спречи фобија е да се пие лекови.

Заедно со тим истражувачи, професорот собрал група арахнофоби (луѓе кои се плашат од пајаци) и им покажувале огромни пајаци. Една група примила пропранолол (бета блокатор често користен за справување со високиот крвен притисок, кој има смирувачки ефект), на друга и бил даден плацебо-лек, а третата примила пропранолол без да види пајак.

Учесниците кои биле изложени на третманот со пропраноло и виделе пајак, успеале да го допрат животното после неколку дена, и да го држат во рака после неколку месеци терапија. Една година после терапијата, стравот не им се вратил.

Се доближуваме до најголемиот сон на Тесла – безжичен пренос на електрична енергија

Кон крајот на 19-тиот век, Никола Тесла барал начин како да го снабди светот со струја без ниту една жица. Сега, во 21-виот век, терминот „wireless“ го користиме за интернет. Но, во изминатата година, истражувачи направија голем чекор кон остварување на сонот на Тесла.

Користејќи комбинација од безжични уреди кои трошат помалку енергија и можноста тие уреди да се напојуваат преку WiFi сигнал, инженерите на Универзитетот на Вашингтон се обидуваат во блиската иднина да ги направат штекерите и полначите за телефон непотребни.

Досега успејале да ја употребат технологијата за да напојуваат уреди како камери со слаба резолуција, но со понатамошно истражување можат да го применат истиот метод на многу помоќни уреди.