Изборите се празник на демократијата, додека референдумите се иновативен начин на кој граѓаните можат директно да се вклучат во процесите на носење одлуки.
Но, гласањето овозможува само дел од мноштвото начини на кои граѓаните можат да учествуваат во владеењето. Вистинскиот противотров, на чувството на политичка исклученост, лежи во отвореното владеење. Постојано се зголемува бројот на иницијативи низ светот кои се заеднички креирани од владите и граѓанското општество кои пружаат простор за граѓаните да обликуваат, набљудуваат или да одредуваат приоритети на владините политики и услуги.
Во текстот од Пол Масен за Гардијан, се набројуваат шест различни граѓански акции, кои лесно можат да бидат пресликани во безмалку секоја држава во светот.
Апликации за свиркачи за справување со финансиската корупција
Според проценките во Нигерија, држава која долго имаше лоша репутација поради корупцијата, 180 милиони долари изгубени преку мито и поткуп биле повратени преку портал за свиркачи, развиен во соработка на владата со граѓанското општество.
Платформата „DoZorro“ во Украина им овозможува на граѓаните да дадат фидбек и да ги забележат сите можни неправилности на владините договори. Од февруари 2017-та година, 429 сомнителни тендери биле пријавени преку оваа платформа.
Оценување на јавните услуги
Во Велика Британија жителите можат да помогнат во обезбедување на висококвалитетни јавни здравствени услуги преку оценка на локалните болници на интернет страницата „NHS Choices“.
Индонезијците можат да пријавуваат проблеми со основните јавни услуги користејќи го сервисот LAPOR!, преку интернет страница, порака, Твитер или мобилната апликација.
Иницијативата во Монголија „Проверка на услугите“ ги повикува граѓаните да пополнат картички преку кои го оценуваат квалитетот на нивните училишта, водоснабдувањето и собирањето на отпадот. Со веќе вклучени 84 јавни услуги, развиена е и мобилна апликација „Проверка на услугите“ за дополнително олеснување на подобрувања поттикнати од граѓаните.
Правење закони
Идејата за граѓански законодавци брзо станува реалност во Хрватска и Бразил. На „е-Советувања“, електронска платформа за консултирања, секој хрватски граѓанин може да коментира на најновите предлог-закони и директно да ги обликува.
Слично и во Бразил, каде граѓаните можат да направат профил на „Participa.br“ за да добијат информации за најновите јавни расправи, како и да учествуваат во некој од повеќето онлајн форуми на сајтот, да направат свој и да дискутираат за темите кои им се од интерес со другите ангажирани граѓани. Кога одредени нови предлози имаат поголем интерес, тимот од Participa.br повикува претставник од владата за дополнително да ја охрабри дискусијата и да ја придвижи кон акција.
САД, Велика Британија и Европската Унија имаат портали за граѓанска иницијатива во која се задолжителни одговорите на властите, некогаш вклучително и законодавна акција по некои барања на граѓаните.
Вклучување на младите
Во главниот град на Норвешка, Осло, децата ги позајмуваат гласовите за да ги направат улиците побезбедни за пешаците. Развиени од и за младите, апликацијата „Сообраќаен Агент“ овозможува на децата и нивните родители да пријават проблеми во безбедноста додека пешачат или возат велосипед до училиштето и назад. Градот реагира на пријавите најбрзо што може, без разлика дали тоа подразбира испраќање службеник да се погрижи за погрешно паркирани возила, или градба на нов тротоар на тесна улица со поголем сообраќај.
Мониторинг како владата го троши твојот кеш
Вебсајтот „Монитрон“ овозможува на Италијанците да ги мониторираат финансираните проекти од ЕУ. Алатките на Монитрон се користат низ цела Италија од локалните заедници и учениците истренирани да бидат теренски инспектори – посетувајќи ги местата на проектите, поставувајќи прашања до локалните власти и давајќи конкретни сугестии, од кои некои веќе се имплементирани.
Во Грузија, граѓаните активно се охрабрени да учествуваат во годишните инспекции на различни владини агенции и да гласаат за доделување јавни средства на програми или сервиси кои за нив се најзначајни, како образованието, инфраструктурата и здравството, преку користење на јазичето „граѓани“ на новата платформа „Буџет Монитор“ развиена од Државниот инспекторат на Грузија.
Додека во Париз партиципативен буџетски процес овозможува на жителите да одлучат како да се потрошат 500 милиони евра до 2020 година (во просек по 100 милиони евра јавни инвестиции годишно).
Затворање на загадувачите на воздухот
Во Македонија, секој час се објавуваат владините податоци за квалитетот на воздухот преку апликацијата „Мој Воздух“. Граѓаните ги користат податоците за информирање за нивото на загаденост и преземаат акција, особено во периодот на зимата кога загадувањето на воздухот е најголемо. Веќе две фабрики биле затворени поради непочитувањето на еколошките регулации, а некои општини преземаат краткорочни мерки за намалување на емисиите на гасови во периодот кога загадувањето е најголемо.
Промената на владеењето никогаш не е лесна, но истовремено не е ниту толку тешка како некогаш. Преку отворањето на власта за граѓанска партиципација направени се значајни подобрувања во животот на обичните луѓе. А, исто како и при изборите, секој глас е важен.