Шест македонски научници меѓу најцитираните и највлијателните научници за 2020, според Универзитетот Стенфорд

Шест македонски научници се најдоа на листата на топ најцитирани и највлијателни научници од сите области, публикувана од Универзитетот Стенфорд oд САД за 2020 година.

Станува збор за претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, членот на МАНУ Леонид Грчев, професорот Валентин Мирчески  од Институт за хемија при ПМФ Скопје, професорот Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како и пензионираните професори Иван Грозданов и Трајче Стафилов, двајцата од Институт за хемија при ПМФ Скопје. На листата е и професор Ратко Јанев, член на МАНУ, кој почина пред една година.

Листата на најдобрите 2% светски научници за 2020 година е резултат на опсежни анализи на научниците од Универзитетот Стенфорд за чие формирање се анализирани голем број на релевантни индикатори, како што се број на објавени трудови, цитираност, вкупен број на објавени трудови, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување.

Македонските научници денеска се сретнаа со министерката за образование и наука Мила Царовска, при што разговарале за обезбедување на средства наменети за науката, преку грантово, проектно и програмско финансирање.

Покрај ова, било договорено заеднички да се дефинираат предлог – критериуми за воспоставување на Центри за извонредност, како и предлог – критериуми за финансирање на националните истражувачки проекти во 2021 година, со цел да се поттикнат научно-истражувачката работа и вложувањата во науката.

„Ова е огромен успех за нашата земја и за нашата наука. Посакувам оваа значителна бројка на реномирани и влијателни наши научници уште повеќе да се зголемува. Убедена сум дека заеднички ќе работиме да ги унапредиме и подобриме условите за развој на научно-истражувачката дејност“, рече министерката Царовска.

Таа потсети дека од годинава со Фондот за иновации и технолошки развој преку грантовското финансирање доделија 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во државата.

Од МОН очекуваат во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научно истражувачка дејност.

Царовска истакна дека веќе неколку години финасиски го подржуваат Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија (Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering – MJCCE), единственото списание со импакт фактор од земјата. Таа најави дека оваа политика на подршка планираат да продолжи и понатаму и да биде поттик и за другите списанија да се изборат за ваков статус.