Шест години ЛГБТИ Центар: Се’ уште висат низа проблеми над ЛГБТИ заедницата

По повод својот шести роденден, ЛГБТИ Центарот за поддршка потсетува на неколку наоди од Анализата на законската рамка во однос на правата на ЛГБТИ заедницата.

Од Центарот преку социјалните мрежи потенцираат дека има шест години од нерасчистениот насилнички напад.

„Не постојат собрани податоци во однос на ваквите злосторства од омраза и други инциденти предизвикани од омраза, ниту постојат податоци во однос на дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, а сè уште нема разрешница ниту за пет од шесте напади врз ЛГБТИ-центарот. Оттука, може да се констатира дека државните институции немаат јасно одредена политика за борба против таквите злосторства“, стои во Анализата.

Од Центарот посочуваат дека домашните и меѓународните извештаи за состојбата на ЛГБТИ-лицата во Македонија, ја посочуваат положбата на заедницата како една од најлошите во Европа.

Исто така, се’ уште не е усвоен и новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, со кој, велат од Центарот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет ќе се вклучат како посебно основи за нееднаков третман.

„Во Република Македонија не постојат точно утврдени, јасни постапки за промена на матичниот број, што е неопходно за законско признавање на промената на полот во случај на трансродово лице“, стои како една од забелешките на Центарот.

Понатаму, Центарот потенцира дека за подобрување на состојбата на ЛГБТИ луѓето во земјава треба да се воведат конкретни законски одредби што ќе ги заштитат вработените лица од дисктриминација врз основа на сексуалната ориентација, родовиот идентите и/или сексуалните карактеристики.

„Треба да се развие правична и транспаретна законска рамка за правно признавање род, базирана врз принципот на себеопределување и ослободено од навредливи и нечовечки услови. Да се воведат законски решенија за забрана на говор на омраза во кои експлицитно ќе бидат наведени сексуалната ориентација, родовиот идентитет и сексуалните карактеристики како заштитени основи“, стојат како препораки од Центарот.

Целосната Анализа може да се прочита ТУКА.