Шест факултетски студентски собранија ги повлекуваат делегатите од УСС УКИМ

Факултетските студентски собранија на ФЕИТ, ТМФ, ФИНКИ, ФДУ, ФЛФ и ФФОСЗ во заедничко соопштение објавија дека се оградуваат од работата на Универзитетското студентско собрание на УКИМ и ги повлекуваат своите делегати.

Шесте собранија го оспоруваат легитимитетот на сегашниот состав на УСС УКИМ. Тие тврдат дека при верификацијата на мандатите биле применети различни критериуми, дека се прекршува Статутот на УСС УКИМ и дека факултетите се нееднакво застапени во телата на Универзитетот.

Во соопштението се изнесуваат и обвинувања за притисоци, однапред договорени одлуки и распределба на функции зад затворени врати. Собранијата посочуваат дека УСС УКИМ располага со јавни средства и има одговорност да работи транспарентно и во интерес на студентите.

Тие бараат јавно преиспитување на мандатите, еднаква застапеност на сите факултети и нова, транспарентна постапка за конституирање на собранието. Воедно ги повикуваат студентските собранија на останатите факултети да им се придружат.