Шест држави се најдоа пред највисокиот суд во Европа поради аерозагадувањето

Европскиот суд на правдата може да изрече казни од неколку милиони евра доколку Велика Британија и уште пет други земји не го решат проблемот со аерозагадувањето. Велика Британија, Франција, Германија, Унгарија, Италија и Романија – се најдоа пред Европската комисија во јануари. Токсичниот воздух предизвикува повеќе од 400.000 рани смртни случаи во Европа, секоја година, пишува Гардијан.

Нивоата на азот диоксид, кој најчесто го произведуваат дизел возила, го надминуваат законски дозволениот праг уште од 2010 година во поголемиот дел од урбаните области во Велика Британија. Најновиот план на владата од 2017 година беше осуден за „крајно несоодветен“ од страна на лидерите на градот и „непростлив” од страна на лекарите.

Министрите беа принудени од судовите во Велика Британија да го подобрат планот во февруари, откако по трет пат загубија во Врховниот суд од адвокатите кои работат за заштита на животната средина од „ClientEarth“, по што добија рок до крајот на 2018 година да спроведат построги мерки.

„Чекавме доволно долго и повеќе не може да чекаме“, изјави Кармен Вела, европски комесар за животна средина.

Шесте земји-членки не успеаја да испорачаат „веродостојни, ефективни и навремени мерки за намалување на загадувањето што е можно поскоро, како што бара законот на ЕУ”, се вели во соопштението од комисијата. Спротивно на тоа, Чешка, Словачка и Шпанија усвоија нови мерки откако во јануари го добија последното предупредување.

Генералниот извршен директор на компанијата „ClientEarth“, Џејмс Торнтон, вели: „Врз основа на нашите три успешни случаи, денешната правна акција од Европската комисија е уште поопасен доказ за планината што треба да ја искачи владата на Велика Британија за да го доведе аерозагадување во рамките на законските граници“.

Директорот за јавно здравје на Светската здравствена организација, д-р Марија Неира, рече дека потребно е итно справување со загадувањето на воздухот: „Додека загадувањето на воздухот не познава граници и ги става сите во ризик, најпогодени се најранливите групи  – бремени жени, деца, постари лица, болни или сиромашни“.

Загадувањето на воздухот со азот диоксид предизвикува околу 23.500 прерани смртни случаи секоја година во Велика Британија. Специјалниот известувач на ОН за загадување во септември соопшти дека владата на Велика Британија ја „омаловажува“ својата должност да го заштити животот и здравјето на своите граѓани. Проблемот беше прогласен за итен од страна на меѓупартискиот комитет на пратениците во 2016 година.