„Шепи 2021“ спроведува попис – Кавадарци ќе биде првиот град со точно избројани кучиња и мачки

Додека целата држава зборови пописот кој денеска завршува, во Кавадарци во ек е уште еден попис, прв од ваков вид – попис на сите домашни кучиња и мачки. Акцијата ја прави здружението „Шепи 2021“,  а досега попишани, односно избројани се околу 400 кучиња и 250 мачки.

Емилија Василева Ивановска, од здружението „Шепи 2021“, за Радио МОФ вели дека целта на формирање на нивното здружение била да се преземе акција поради нелегалното користење отрови за труење на животните и прекумерното размножување како една од главните причини за големиот број животни на улица. Идејата за пописот пак, дошла од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Пописот требаше да биде реализиран од страна на ХВ инспектори кои веднаш би ги чипирале мачките и кучињата (во овој случај ние сме оневозможени да го правиме тоа бидејќи не сме ветеринари имаме други професии) и истиот ќе беше спроведен за територија на цела држава. Бидејќи оваа идеја остана нереализирана, не знам од кои причини, ќе кажам дека сме ние прво здружение, односно прва општина која се нафати да работи ваков обемен проект. Целта е да се евидентира бројот на кучиња и мачки кои имаат сопственик, да се едуцираат граѓаните, за одговорно сопствеништво и истовремено да се запознаат терминот стерилизација/кастрација за животни“, вели Василева Ивановска.

Првичната идеја за пописот како проект за миленици ја имало поранешното раководство на Агенцијата за храна и ветеринарство, но таа останала нереализирана. Па затоа здружението ,,Шепи 202″, добива поддршка од градските власти и се нафаќа да ја имплементира идејата за попис. Па оттука, Кавадарци да стане првиот град каде во блиска иднина ќе има точен број миленици, но и кавадарчани добиваат шанса да се запознаат со термините како стерилизација или кастрација. Проектот освен што предвидува попис, вклучува и ваучери за бесплатна стерилизација на кучиња и мачки, паркови за миленици, но и едукативни табли кои веќе се поставени на различни локации со пораката „Знаеш ли колку е тешко да си сам и напуштен? Не напуштај го својот миленик и неговиот пород. Одговорноста е твоја!“

Волонтерите – активистите од Здружението ,,Шепи 2021″ работат истовремено и на едукација за одговорно сопствеништво. Исто така раскажуваат повеќе згоди и незгоди кои им се случиле за време на попишувањето. Така, велат дека Кавадарци е место каде гостопримството е на високо ниво.

„Во Кавадарци ретко каде може да не сте пречекани гостопримливо. До тој степен што ако сме посетиле одредено семејство, а сме немале време тој ден да ги посетиме комшиите, комшиите се лутат, хах!
Кога почнавме со попис, дојдовме до куќата на еден дедо и една баба и му објаснувам за што сме дојдени. Дедото ми вика: „А бре деца, попис на човеци уште не е направен, вие ќе правите попис на животни“. Откако му објаснив дека човекот според некоја теорија е настанат од мајмун (животно) и зошто е важен овој попис, се сложи да не прими во дворот“, низ смеа раскажува Василева Ивановска.

Од здружението „Шепи 2021“исто така ја поздравуваат одлуката за бесплатно чипирање на милениците, и додаваат дека ако чипирањето е бесплатно, многумина миленици ќе бидат чипирани .

„Искрено ретко кое животно е чипирано, ама доколку законски мораат да го направат тоа, граѓаните не верувам дека ќе се јавува бариера“, велат тие.

Од градските власти добиле ветување дека веќе наредната година Општина Кавадарци ќе може да се пофали со стационар за животни, каде активно ќе работат активисти и луѓе (љубители) на миленици.

„Предвидено е поставување на хранилки за бездомните кучиња на повеќе локации низ градот, а во фаза на изработка се две паметни канти за рециклирање на пластика, кои работат на принцип, фрлаш пластика па излегува храна за бездомно куче или маче. Со ова, а и со едукативните табли ние истовремено се промовираме како здружение кое се залага за живот во чиста и здрава животна околина“, раскажува Емилија Василева од здружение „Шепи 2021“

Од здружението ги објаснуваат законските регулативи во врска со заштитата на животните во нашата држава, кои гласат вака „Според член 233 од КЗ, тој што грубо злоупотребува животно или го изложува непотребни маки и страдања, ќе се казни со парична казна или затвор до една година. “

Затоа и го споделија бесплатниот телефонски број – 13300, каде граѓаните доколку се очевидци на немилосрден настан спрема животните , истиот треба да го сликаат или снимаат и потоа да го пријават во полиција.

„Без слика или видео снимка, немаме докази и автоматски немаме виновник“, заклучуваат од „Шепи 2021“.

Станиша Станковиќ