Нафтениот гигант Шел ја тужи организацијата Гринпис за штета од 2,1 милиони долари откако активистите окупираа движечка нафтена платформа претходно годинава.
Тужбата повикува да се блокираат сите идни протести врз инфраструктурата на Шел на морињата или пристаништата низ целиот свет, или компанијата ќе ја зголеми бараната оштета до 8,6 милиони долари.
Ова е еден од најголемите правни процеси подигнати против еколошката организација Гринпис во нивната 50-годишна историја. Во прашање е случајот од јануари оваа година, кога активисти окупираа нафтена платформа со барање да се стопира штетата врз климата која ја предизвикува Шел.
Четири демонстранти од Гринпис се искачија на платформата на север од Канарските Острови, додека таа била транспортирана до Шетландските Острови со транспаренти на кои пишуваше „стоп со дупчењето – започнете да плаќате“.
Гринпис ги обвини Шел за користење на „агресивна правна тактика“ во обид да „го замочи незадоволството околу потегот на нивниот директор Ваел Саван да ги засили инвестициите во фосилните горива“.
„Шел се обидува да ги замолчи легитимните барања – дека мора да ја прекинат нивната бесчуствителна и алчна потрага по фосилни горива и да преземат одговорност за уништувањето кое го прават на светот. Ќе се појавам на суд и ќе се борам против овој процес. Доколку Шел одбива да престане со дупчењето, тогаш јас одбивам да престанам да се борам за климатска правда“, изјави Јеб Сано, извршниот директор на одделот за Југоисточна Азија на Гринпис.
Од Шел претходно ги опишаа протестите на нивните нафтени платформи како безбедносен ризик. Портпаролот на компанијата соопшти дека ваквите активности предизвикуваат голема загриженост бидејќи голем број луѓе се качуваат на пловило во движење во опасни временски услови.