Шефот на Твитер: Блокирањето на Трамп е исправно, но опасно

Сопственикот на Твитер, Џек Дорси, вели дека блокирањето на профилот на американскиот претседател Доналд Трамп било исправна одлука, но истовремено призна дека овој чекор е неуспех за социјалната мрежа да воспостави „здрав дијалог“ на платформата.

Откако Твитер одлучи трајно да го блокира профилот на Трамп компанијата доби голем број пофалби, но и голем дел критики од јавноста.

Германската канцеларка Ангела Меркел, како и мексиканскиот претседател, Андрес Мануел Лопез Обрадор јавно изразија критика за потегот на технолошкиот гигант.

Дорси во долга твитер објава го образложи нивниот потег како одлука која ја донеле откако претходно Трамп добил јасни предупредувања дека тоа може да се случи.

„Не го славам, ниту пак се чувствувам гордо откако моравме да го блокираме Трамп од Твитер. По јасно предупредување дека ќе преземеме акција одлучивме со најдобрите информации кои ги имавме засновани на физичката безбедност и на, и надвор од Твитер. Верувам дека ова беше исправна одлука од Твитер. Се соочивме со извонредни и неодржливи околности кои не принудија да дејствуваме за јавната безбедност. Офлајн штетите како резултат на онлајн говор се докажано вистински и тоа е едно од главните нешта кои ги опфаќаме низ нашите кориснички политики“, напиша тој.


Дорси истовремено признава дека нивната одлука ќе има последици по отвореноста и слободата на интернетот.

„Неопходноста да блокираме профил има реални и огромни последици. Иако има јасни исклучоци, верувам дека блокирањето е наш неуспех во промовирањето здрав дијалог. И време е да размислиме за нашите активности и за околината околу нас. Тоа што моравме да ги преземеме овие одлуки го фрагментираше јавниот дискурс. Тоа не разделува. Го ограничува потенцијалот за разјаснување, признавање грешка и учење. И тоа поставува преседан за кој мислам дека е опасен – моќта на поединецот или корпорацијата која ја има на глобалната јавна комуникација“, додава Дорси.

Одлуката за отстранување корисници беше критикувана како нарушување на правото на слобода на говор. Сепак, големите технолошки компании на тоа одговараат дека како приватни компании, а не државни институции, таквите правни ограничувања не се однесуваат на нивните можности да ги модерираат своите платформи.

Покрај Твитер, Трамп беше времено блокиран и од Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, додека Амазон ја тргна од своите сервери апликацијата Парлер која започна масовно да се користи од неговите симпатизери.

Во понеделникот, портпаролот на Меркел, изјави дека блокирањето на социјалните мрежи го смета за „проблематично“, а мексиканскиот претседател изјави „Не сакам никој да биде цензуриран“.