Шарената револуција до пратениците: Престанете со работата додека не се обезбеди правда

Учесниците во #ШаренаРеволуција и #Протестирам побараа од пратениците во Собранието на Република Македонија за прекинат со својата работа се додека не се обезбеди правда и граѓанско учество.

„Ви се обраќаме во името на многу граѓани кои ве гласале да ги претставувате во народниот дом, но и во името на многу други граѓани кои не ве гласале, а чии интереси сепак имате обврска да ги застапувате бидејќи општествениот поредок и претставничката демократија ви го наложуваат тоа.
Уште еднаш ве уверуваме дека граѓаните одлучија да земат активна, конструктивна и одговорна улога во актуелната политичка криза и и дека 70-дневните протести и улични дејствија изградија јасен граѓански политички и вредносен став од кој нема отстапување. Нема отстапување од правдата и нема отстапување од одлучноста да се чуе и уважи гласот на граѓаните.

Пратеници, од вас бараме да дејствувате и да им помогнете на граѓаните да ја обезбедат заштитата на Специјалното јавно обвинителство, институцијата-симбол на правдата, институцијата која вие ја изгласавте без ниту еден глас против. Бараме од вас да застанете и во одбрана на Член 2 од Уставот на Република Македонија и да им помогнете на граѓаните да се изборат за тоа дека “Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.”

Пратеници, за да покажете дека стоите во одбрана на правдата, суверенитетот на граѓаните и Уставот, од вас бараме да не учествувате во работата на Собранието се додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и се додека не се гарантира учество на претставници на граѓанскиот сектор во разговорите и преговорите за излез од политичката криза, во улога на набљудувачи, извествувачи за јавност и консултанти.

Пратеници, дејствувајте веднаш и при тоа имајте ја предвид итноста на ситуацијата, решителноста на граѓаните да не се откажуваат од своите зацртани цели, но и тоа дека во јавноста постојат јасни заложби за заштитата на СЈО и за активното учество на граѓанскиот сектор во разговорите и преговорите. Дејствувајте итно по ова барање на граѓаните и преку ваше неучество во работата на Собранието укажете им јасно на Уставниот суд и на политичките актери кои се противат на граѓанското учеството во преговорите дека не смее да има компромиси околу правдата и околу демократската определба на Република Македонија.
Погледнете ја бојата врз зградата на Собранието на Република Македонија, тоа е порака и повик до вас да се одважите и да дејствувате одговорно или ако веќе сте на страната на правдата да продолжите да се борите за неа уште посилно.

Во исто време, ве потсетуваме и вам и целокупната јавност на останатите наши барања:

– Целосно запирање на прогонот врз демонстрантите;
– Оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори;
– Формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија;
– Оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија“, се вели во обраќањето.