Шарената револуција денеска излегува со ултиматум и план за излез од кризата

На сите да им кажеме јасно и гласно што бараме! Нашето трпение помина! Нема повеќе изговори и бегање од граѓаните кои речиси два месеца храбро и истрајно протестираат против овој режим.

Шарената револуција и движењето Протестирам најавија нов протест денеска во Скопје, во 18 часот пред СЈО, кога ќе биде соопштен бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања.

„Ја повлекуваме црвената линија. Од понеделник одбројуваме. Кризата траеше доволно долго! Во понеделник, граѓаните и граѓанките ќе кажат како ќе ја надминеме“, велат од Протестирам.

Оттаму појаснуваат дека шести јуни е датум со силно значење бидејќи тогаш беше убиен Мартин Нешковски, на Плоштадот Македонија, додека партијата ВМРО ДПМНЕ ја прославуваше изборната победа. Веста за убиството ја пренесоа медиумите, а обидот на власта да го сокрие убиството е документирано и во една од „бомбите“ – снимките од нелегално прислушуваните телефонски разговори кои лани почна да ги обелоденува опозицијата .

СДСМ: ВЛАСТА СЕ ОБИДЕЛА ДА ГО СКРИЕ УБИСТВОТО НА МАРТИН НЕШКОВСКИ

Изминатите два месеци ширум Македонија и дијаспората, десетици илјади граѓани во последниве 55 дена излегоа на протести откако претседателот Ѓорѓр Иванов соопшти дека потпишал општа аболиција за политичарите .

„Нема веќе да нѐ гледаат сам од шест, туку ќе нѐ гледаат секој ден – сѐ посилни! За правда, за демократија, за еднаквост! Ќе има правда, ќе има мир!“, додаваат од Протестирам.

На протестот пред СЈО е најавено и присуство на лидери на опозициските политички партии кои ќе ги слушнат барањата и планот за излез од кризата.