#ШаренаРеволуција: Огледала за полицијата и боја за лавовите

Балони со боја беа истурени по лавовите на мостот „Гоце Делчев“ од демонстрантите на #Шарената Револуција кои и денеска излегоа на протест во Скопје. Од Специјалното јавно обвинителство, се упатија кон Уставниот суд, но патот им беше попречен од полициските кордони на мостот „Гоце Делчев“.

Демонстрантите доближија огледалца за да се огледаат полицајците кои го блокираат движењето по мостот, по што ги обоија лавовите кои се наоѓаат на двете страни на мостот.

Со платно на кое пишува „Еднаквост Правда Слобода“ колоната ја предводеа студентите. Демонстрантите скандираа „Никола на робија“, „Нема правда , нема мир“, „Мафија“, по што кратко се задржаа кај Владата.

Демонстрациите почнаа минатата седмица и продолжуваат секој ден во 6 часот попладне, со зборно место пред Специјалното јавно обвинителство.

Протестот денеска заврши пред Влада, чии што ѕидови експресно беа исчистени по нејзиното боење од демонстрантите пред неколку дена.