Шарена револуција: Во понеделник граѓаните доаѓаат по правдата

Во понеделник, на 20 јуни во 19 часот Шарената револуција најави масовен протест пред Специјалното јавно обвинителство во Скопје.

„На оваа корумпирана и криминална власт и дадовме и повеќе од доволно време да реагира и да ги слушне нашите барања. Тие се глуви пред своите граѓани. Единственото нешто на што тие мислат е како побрзо да избегаат од правдата.

Специјалното јавно обвинителство е првата светлост во оваа правна темнина во која живееме, а власта го кочеше уште пред да биде формирано. После денешната одлука на Уставниот суд да не го стави СЈО на дневен ред ниту за следната своја седница, очигледно е дека Груевски и неговите соработници се обидуваат да го укинат СЈО кога најмалку ќе очекуваме.

Нашите ултимативни барања не беа исполнети. Тврдина на правдата, која граѓаните силно ја поддржуваат изминативе два месеца, сега е под сериозна закана. Груевски се плаши од затворот што го чека! Како граѓани имаме обврска да го спасиме СЈО од прангите на криминалците на власт! Иако прогонот врз демонстрантите продолжува, граѓаните ќе ја земат правдата во свои раце. Институциите што треба да не’ бранат нас граѓаните всушност ги бранат само криминалите на владеачката партија. Не може да има правда во државата, кога режимот врши прогон врз оние кои се борат за слобода, правда и еднаквост“, се вели во најавата за протестот.

Таа доаѓа на два дена од истекот на ултиматумот даден од учесниците на револуцијата, 18 јуни, до кога се бара исполнување на две од барањата, запирање на прогонот кон демонстрантите и потврда на уставноста на СЈО.

Претходно од Шарена револуција укажаа дека не престануваат, како што велат, провокациите до власта која ги користи сите методи за креирање лажна слика за револуција. Имено, појаснуваат оттаму, во текот на денешните блокадите на мостот Гоце Делчев, истовремено дојдоа две празни возила на брзата помош со возачи кои иако им било дозволено да поминат , излегле да се расправаат со демонстрантите.

„Во моментот кога оваа режирана сцена се случуваше, се појавија и камерите на провладините медиуми кои „случајно“ го снимија овој настан и веднаш потоа заминаа. Ова е очигледна и перфидна манипулација преку злоупотреба на јавното здравство и возилата на брзата помош. Во услови кога пациенти чекаат со часови на брза помош, власта ги злоупотребува возилата за политички местенки“, децидни се од Шарена револуција.