Под мотото „Груевски на суд, одбројуваме до слобода“, се одвива денешниот протест на Шарената револуција во Скопје. Голем дел од демонстрантите со себе ги носат цртежите на карикатуристот Драган Марковиќ, кој по долго боледување почина вчера во Скопје, а низ годините беше луциден критичар на општествените случувања во земјава.
Забележително е и големото количество боја поставено на улицата кај СЈО, јавува репортерката на Радио МОФ од теренот.
Учесниците одбројуваат уште осум дена од ултиматумот до институциите кој трае до 18 јуни, до кога треба да се исполнат најмалку две барања на демонстрантите – потврдување на уставноста на СЈО од Уставен суд, како и запирање на прогонот на демонстрантите од полицијата. Денеска делумно беше исполнето второто барање, откако судот одлучи да го укине куќниот притвор за двајца демонстранти, членови на Левица, Здравско Савески и Владимир Куновски, кои беа лишени од слобода 45 дена.
Демонстрантите не ја откриваат денешната рута по која ќе се движат низ Скопје.