Шарената револуција го обои и „Воинот на коњ“

Фонтаната „Воин на коњ“е денешната мета на Шарената револуција, чии „командоси“ влегоа во водата и со пиштолчиња полни боја ја испрскаа познатата гигантска скулптура во центарот на Скопје.

Под мотото „Кривиот пишува кривични“, Шарената револуција и Протестирам покажаа солидарност за седумтемина осомничени од Скопје и 26 други лица од Битола, кои денес добија кривична пријава поради фрлање на боја и оштетување на туѓ имот.

Протестот и денес започна пред просториите на СЈО, каде имаше поставено фотографија од „командосите“ во маски, каде секој кој сака може да се фотографира во знак на поддршка, за да покаже дека е еден од „хулиганите“.

Потоа граѓаните се упатија кон зградите на Собранието и Владата, кои и денес добија нови дамки со помош на познатиот чатал.

Пред Собранието и денес имаше поставено бина, на која се обрати Исмаил Малиќи – Ицко, еден од „командосите“ кои добија кривична пријава. Малиќи пред присутните кажа дека ќе продолжат со револуцијата и нема да дозволат да бидат заплашени и покрај заканите и кривичните пријави.

Пред присутните се обрати и Фросина Ременски, претставник на СДСМ.

„Овие луѓе собрани овде се стрелци во хороскопски знак, антифашисти, со слободољубива Венера во срцето, и борбен Марс во тупаницата на Шарената револуција“, изјави Ременски, шегувајќи се за аудио снимките кои се појавија на Јутјубм на кои се слуша како поранешниот премиер Никола Груевски посетува сеанси кај гатачка.

Денешниот протест е 52-ри по ред. Веќе осма недела граѓаните бараат оставка на претседателот Ѓорге Иванов, поништување на аболицијата, вклучување на граѓански претставници во преговорите за излез од кризата, но и формирање преодна влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори.