Шарена револуција: Исполнете ни ги барањата до 18 јуни, или ја земаме демократијата во свои раце

Итна оставка на претседателот Иванов и нелегитимната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пуштање на слобода на сите приведени демонстранти и формирање на Специјален кривичен суд се некои од барањата на Шарената револуција. Тие изјавија дека рокот за исполнување на нивните услови е 18 јуни. Во спротивно, слободата и демократијата ќе ги земат во свои раце, почнувајќи со блокирање на сообраќајот во Скопје во среда, на осми јуни.

„Бараме Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство. На работата на СЈО и се заканува и ризик да биде прогласено за неуставно. Партизираниот Уставен суд би можел да ги заштити криминалците од прогонот на правдата. Затоа, бараме Уставниот суд да ја отстрани оваа опасност и конечно да се произнесе за уставноста на СЈО. СЈО не смее да биде прогласено за неуставно. Правдата и борбата против криминалот се уставни категории и не смеат веќе да бидат под закана!“, изјави Симона Спировска во име на Шарената револуција.


Второто барање е да запре прогонот на демонстрантите и да се ослободат сите приведени кои учествувале на протестите од 12 април до денес, како и запирање на сите форми на притисок врз слободните граѓани кои го искажуваат својот револт.

„Рокот за исполнување на овие две клучни барања е 18 јуни 2016! Само со исполнување на овие барања во целост и без одложување, работите ќе се мрднат од мртва точка. Само така ќе може да почне да се решава длабоката криза во која оваа власт ја втурна Македонија. Во спротивно, граѓаните ќе ја земат демократијата и слободата во свои раце“, изјави Спировска.

Дополително, граѓанското движење „Протестирам“ и Шарената револуција бараат оставка на актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори, формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија и решавање на кризата исклучиво на територијата на Македонија.

Пред Владата се обрати и Денис Јанкуловски, кој најави дека во среда, на осми јуни, ќе биде блокиран сообраќајот во Скопје.

„Од денес ќе не гледаат секој ден, во различни форми на протест, се посилни и погласни. Протестите ќе се радикализираат со цел исполнување на наши услови“, упати до јавноста Јанкуловски.

„Сообраќајот ќе го блокираме за да покажеме каков е нашиот живот. Ќе го оневозможиме движењето како што оваа влада со години го оневозможува нормалниот живот и ги блокира институциите“, додаде.

Тој побара разбирање за блокадите од сите граѓани, бидејќи ова го прават за сите.

Васко Лазаревски побара едноминутен молк за Мартин Нешковски и „сите жртви на режимот“, по што следуваше громогласно „Нема правда, нема мир!“.

Од Влада, граѓаните се упатија на местото каде пред пет години на овој датум беше убиен Мартин Нешковски, на плоштадот „Македонија“, каде ќе биде положено цвеќе.