Шанса за Центар: Не дозволувај шутот да заврши на дива депонија

Наголемо е почната сезоната за реновирање на домови. Не дозволувајте самите работници бесплатно или за некоја стотка да ве ослободат од градежниот шут или кабастиот отпад кој ќе остане од реновирањето без да знаете каде тој ќе заврши. Отпадот може да заврши во некоја шума, дива депонија во природата, или во некоја река!, реагираат од иницијативата Шанса за Центар.

Од таму велат дека градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“- Скопје (КХС) повеќе години нуди опција за подигнување на шутот и кабастиот отпад и негово транспортирање до легална депонија.

За подигнување на градежен шут со камион на КХС и двајца работници се наплаќа 2.310 денари, а без работници 1.890 денари. За подигнување на кабаст отпад со камион и со двајца работници се наплаќа 2.940 денари или 1.680 денари ако самите го натоварите.

„Има и трета опција, а тоа е дека можете самите да ги однесете шутот, предметите или отпадните санитарии без наплата во пунктот на КХС веднаш по спортската сала ‘Борис Трајковски’. Влезот во пунктот е од уличката пред бензиската пумпа на ‘Макпетрол’ на бул. Илинден“, посочиваат од Шанса за Центар.

Телефонот на кој може да се повика камион на „Комунална“ е 0800 222 33.

„Колку повеќе отпад се одлага прописно толку се помали можностите да се формираат диви депонии. Да ја штитиме природата!“, апелираат од Шанса за Центар.