Герасимовски: Изречени казни во висина од 12.500 евра за градилиштето зад Универзалната сала

Градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар денес изрече 5 казни на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, во вкупна висина од 12.500 евра во денарска противвредност, за небезбедното градилиште, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Тој посочува дека ова градилиште неколку пати беше затворено од градежната инспекција, но инвеститорот на своја рака ги отстрануваше заштитните инспекциски ленти и продолжуваше со градење, не земајќи ги предвид законските одредби и решенијата од инспекцијата.

„Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот ‘Бинјапи Инжинерин’ е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење“, посочува Герасимовски.

Според Герасимовски, со изоставувањето на армирано бетонските колови, инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а вчера пропадна и дел од улицата „9 Мај“, каде што се наоѓа и спорното градилиште.

„Оттука, постапувајќи по Законот за градење, градежниот инспектор на Општина Центар изрекол вкупно 5 глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност“, вели Герасимовски.

Од иницијативата Шанса за Центар денеска рекоа дека продолжува хаосот на улицата „9 Мај“, каде инвеститорот си гради како сака и покрај забраните, па побараа итна реакција од МВР и Општина Центар.

Шанса за Центар: Итно да запре изградбата на улицата „9 Мај“ пред да настане поголема несреќа