Шанса за Центар: Кога ќе ви дојдат во соседството имате право само да молчите

Градење без коментирање – олигархијата ги затвора „дупките“ во законите и истовремено ги затвора устите на граѓаните, реагираат од граѓанската иницијатива Шанса за Центар.

Од таму посочуваат дека мнозинството во Парламентот го избриша членот 62-а во Законот за градење.

„Со тој член се овозможуваше реакција и жалба ако непосредниот сосед смета дека имотот му се обезвреднува, или ако му се нарушува квалитетот на живот, познато како ‘соседско право’. Олигархијата и политичарите во брак од интерес, како од сказните. Сега кога ќе никнува градба во вашето соседство која можеби го узурпира вашиот имот имате право само да молчите“, се вели во реакцијата на иницијативата.

Активистката Јана Белчева Андреевска од Шанса за Центар, чија иницијатива има тројца советници во Општина Центар токму поради незадоволството на граѓаните од неконтролираната градба, се согласува дека граѓаните се консултираат кога се носи Детален урбанистички план.

Но, дополнува, таа можност не може да го замени членот 62-а.

„Дебар маало (во Скопје) се гради по план од 2012-та година. Денешните млади луѓе кои имаат 27-28 години, тогаш имале колку години? Тоа е пред 13 години. Имале 14-15 години. Сигурно не оделе на јавна анкета на урбанистички план кој и онака е неразбирлив и е тежок за граѓаните да видат што навистина ќе им се случи. Обично гледаат што на нивната парцела се случува. Не можат да реагираат на јавните објекти, не можат да реагираат на јавниот простор. А замислете сега да им кажете – дека не можат да реагираат. Па ние работиме на тоа да им кажеме на младите луѓе дека овој систем работи за нив“, посочува Белчева Андреевска во изјава за „360 степени“.

А голем дел од плановите кои се на сила, барем кога е во прашање Општина Центар, потсетува Белчева, не се по стандардите.

„Стручна комисија на урбанисти докажа зошто урбанистичките планови, кои за жал се во сила, треба да бидат суспенидрани. Еден од основните во суспензивните елаборати беше точно изоставување на соседското право, односно планирање без да се третира како тој план, кога ќе се реализира, ќе влијае врз квалитетот на живот на непосредното соседство“, нагласува таа.

Архивско фото: Радио МОФ

Инаку, како што објави „360 степени“, министерот за транспорт, но и градоначалници и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ велат дека измената е добра бидејќи биле затрупани со неосновани жалби поради инает, нарушени меѓусоседски и семејни односи, кои ја кочеле изградбата. Го делат и ставот дека правото на приговор и жалба при јавна анкета на Детален урбанистички план е доволно за исполнување на т.н. соседско право.