Шанса за Центар бара хумано наместо „решение“ за профит откако се расчистува „Треска“

Откако градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска се пофали дека се расчистува поранешна „Треска“ и побара поскоро донесување на регулациски план и носење ДУП само за овој простор, од Шанса за Центар велат дека одвојувањето веќе е донесено од претходниот општински Совет. Потсетуваат, веќе е спроведен Конкурс за локацијата, па стравуваат дека наместо да се спроведува, се одложува за сметка на „решението“ за продажба на државното земјиште и профит на приватници. 

Од Шанса за Центар за Радио МОФ велат дека за расчистувањето на земјиштето на „Треска“ веќе има одлука на Совет, а се чекало дозвола од надлежните институции.

„Но, за нас е ‘интересно’ и загрижувачко она што доаѓа потоа, откако ќе се расчисти земјиштето. Одвојувањето на ‘Треска’ како посебно подрачје, направено од минатиот Совет, таа одлука градоначалникот постојано одбива да ја спроведува. Знаете, се спроведе и Конкурс како идејно да се уреди подрачјето. Општината има добиено три идејни решенија, од кое едното од стручна комисија доби многу позитивни оценки и препораки да продолжи да се разработува кон урбанистички план. Општината со овој градоначалник одбива да ги презентира идејните решенија од Конкурсот, бидејќи тој ги оценил како неспроведливи, иако урбанистите и сите кои го оценуваa Конкурсот – имаа спроставени ставови. Односно дека ќе обезбедат похумано решение, подобар квалитет на живот, подобро уредување на тоа земјиште, затоа што ќе обезбедат и јавни услуги и јавни простори, како и градинка, зеленило итн“, велат од Шанса за Центар.

Според иницијативата, процесот се одложува, па наместо да се разработува идејното решение од Конкурсот, би имало продажба на државно земјиште. Приватниците добиваат она што им го овозможуваат оние оспорувани правилници за урбанистичко планирање, врз основа на „стекнати права“ со тоа што го поседуваат земјиштето.

Просторот кај „Треска“ од фото-архива на Радио МОФ

„Па, сопствениците на имот, кои се големи градежни компании, односно на 50 и нешто проценти од целата ‘Треска’, бараат да се спроведе овој план кој повеќе им одговара – во смисла на повеќе профит. Затоа, сметаме дека клучот е сега, за се’ што ќе се случува во иднина со земјиштето. Колку повеќе се одовлекува, толку повеќе ќе се спроведуваат постапките за откуп на земјиште и ќе се притиска за ‘актуелното решение’. Градоначалникот и луѓето што не сакаат промена го именуваат како ‘важечки план’, иако тој ‘важечки план’ и од страна на општината во претходниот состав, и од општинската служба, е анализиран и е заклучено дека во многу параметри ги надминува ограничувањата од ГУП-от. Нашиот став е дека тој план е незаконски план, бидејќи го пробива ГУП-от, а тоа јасно го објаснува Законот за урбанистичко планирање“, потенцираат од Шанса за Центар.

Сметаат дека продолжувањето на постапките за отпуп на земјиштето е крајно нетранспаретна, бидејќи, велат тие, ја спроведува службата на општината и никаде не излегува во јавност, а ниту пак советниците се информирани како тече.

Инаку, денеска градоначалникот Герасимовски при увид на расчистувањето на „Треска“ рече дека до општината пристигнале 36 барања за издавање решенија за отстранување, од кои се одобрени 13.  Според него, просторот на фабриката, особено по опожарувањето пред пет месеци, освен што преставувало извор на зараза за жителите кои живеат во околината, претставува и нелегална депонија во срцето на општина и градот. Тој се осврна и на азбестот и негативното влијание по здравјето на граѓаните.

Расчистување на локацијата, фото: Општина Центар

„На територијата на ‘Треска’ има околу 40.000 метри квадаратни азбестен кров, кој исто така беше зафатен во пожарот. Уште тогаш кажав дека час поскоро, напуштениот индустриски капацитет треба да се расчисти. Отстранувањето на објектите и чистењето на целиот простор ќе го вршат самите сопственици, кои претходно до општината доставија барања за отстранување на објектите и начинот како истите ќе бидат отстранети“, рече Герасимовски.

Според градоначалникот, чистењето кај „Треска“ ќе трае две недели, ќе се одвива плански и во неколку фази. Најпрво ќе се отстранува опасниот отпад, азбестните покриви, потоа ќе се срушат дотраените објекти, па ќе се отстранува кабастиот отпад. На крај, на целиот простор ќе се изврши дезинсекција, дезинфекција и дератизација, од причина што во комплексот врие од глувци, змии и други штетници, кои се исто така извор на зараза. Отпадот треба да биде депониран во Дрисла и соодветно уништен.

Герасимовски побара поддршка од институциите за поскоро донесување на регулациски план за одвојување и план само за просторот кај фабриката.

Исто така, иако голем дел експерти и активисти алармираа дека со расчистувањето тука би никнале нови згради и ќе се наруши квалитетот на живот, тој рече дека „не се согласува со перцепцијата дека расчистувањето на теренот значи почеток на бетонизација на просторот“.

Бојан Шашевски