Шампиони во League of Legends и вицешампиони во Counter Strike: Global Offensive – најнов успех на македонските гејмери

Македонската е-спорт екипа покажа исклучително добри резултати во европскиот Куп на нации во е-спорт „StayHome European Nations Cup“, освојувајќи шампионско место во League of Legends и вице шампионско место во Counter Strike: Global Offensive.

Во играта ProEvolution Soccer 2020, македонските учесници се пласираа до четврт финалето. На квалификациите за Купот на нации пријавени беа 130 тимови и 40 поединци.

Дванаесет членки на Европската Федерација го организираа овој куп на Нации за да ја подигнат свеста кај младите во Европа за опасноста од Ковид 19 и да порачаат дека е добро да се остане што е можно повеќе во карантин за да се спречи ширењето на вирусот. Купот се одржа во три наслови League of Legends, Counter Strike: Global Offensive и ProEvolution Soccer 2020.

„Во League of Legends во финалниот меч ја совладавме репрезентацијата на Израел со резултат 3-1 во мечеви. Кантерџиите го заслужија второто место во овој шампионат во финалниот меч со Чешка каде тесно изгубивме со 2-0, а играта за фудбалерот во PES 2020, Давид Гаревски, заврши во четврт финалето со Украина. Севкупно, Македонија уште еднаш покажа и докажа дека има таленти и квалитетен кадар во еспортот кои можат достојно да ја претставуваат во дигиталните арени на европската сцена и пошироко“, велат од е-спорт федерацијата.

Наредните официјални натпревари ќе бидат европските квалификации за учество на Светското е-спорт првенство кое традиционално се оддржува повеќе од десет години во организација на Интернационалната е-спорт федерација.

„Македонската е-спорт федерација, одговорна за селекција на репрезентативните тимови, останува посветена на својата мисија да ја зголеми е-спорт свеста и да помогне во негово официјализирање со што овие еспорт атлети ќе се здобијат со официјален статус на спортисти, ќе можат да просперираат и да ги покажат своите квалитети“, стои во соопштението.

Македонската е-спорт делегација, во соработка со АНХОЧ и еспортс.мк, обезбедија награди за најдобрите натпреварувачи и ги пренесуваа сите натпревари на твич каналите на федерацијата. Натпреварите ги проследија повеќе од 3000 ентузијасти.