Шабан Салиу, ДЗС: Се трага по 3-4 исчезнати, невремето не можеше да се спречи

Сè уште се трага по пријавени исчезнати лица по катастрофалните поплави кои го зафатија Скопје пред три дена, вели Шабан Салиу, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Според него досега има 22 жртви, но не можеше да каже кој е точниот број на лица по кои се трага.

„Од она што го имам како информација по координација со другите институции, располагаме со бројка од три или четири лица кои се исчезнати“, рече Салиу.

Директорот немаше прецизен одговор ниту кога граѓаните на поплавените места ќе добијат струја и нивниот живот полека ќе почне да се враќа во нормала. Најважно е, според него, да се санира инфраструктурата.

„Најважно е да се исцрпат водите и калта, да се расчисти ѓубрето и да се почне со санација на теренот. Откако нема да има води, кои сега претставуваат опасност за пуштање струја, ЕВН ќе реагира. Неблагодарно е да посочиме точен временски рок, но очекувам за два-три дена да се покажат првите резултати“, рече тој.

Салиу вели дека детални анализи допрва треба да се направат, но смета дека освен силниот дожд, немало други причини кои влијаеле на количината на поплавите и во силата на водата која направи трагедија:

„Имаше различни шпекулации, но она што го гледаме на терен – како во Страчинци, тоа е вода која дошла од планините и околу еден и пол метар го има однесено патот. Јас немам информации дека други причини влијаеле на силата на поплавите. Ова беше чисто од дождот и тоа не може да се спречи“, кажа Салиу.

Наведе дека екипи се постојано на терен во Стајковци, Ченто, Сингелиќ, Страчинци, Булачани, Винце, Црешово, Камник и Раштански Пат, подрачја кои ги посочи како најзагрозени. Салиу информираше дека се набавени преку илјада нови пумпи за испумпување на водата кои веќе се поставуваат на критичните точки во овие места. Околу 270 луѓе од ДЗС и 250 единици механизација го расчистуваат теренот. Директорот најави дека стигната е помош и од странски држави.

„Активиран е и механизмот за заштита и спасување во Брисел, со што добивме пристап на картите на „Коперникус“, односно сателитски снимки според кои ќе има апсолутна прегледност на теренот, дури во секоја куќа што се случило во поглед на штетата. Од Брисел ќе дојдат и експерти за канализации и водна инсталација, со цел да се види која е причината за големата несреќа освен водата“, изјави Салиу.

Апелира до доброволци да им се приклучат во стабилизирање на ситуацијата во државата. За информациите дека постои помошта не е добро организирана и дека не се доставува на потребните места, тој вели дека координацијата со месното население и доброволците може да се врши на пунктовите кои се поставени на поплавените места.

„Имаме четири координатори, а Дирекцијата за заштита и спасување има лоцирано штаб во училиштето „25 Мај“ во Сингелиќ, таму ги регистрираме лицата, вчера повеќе од сто граѓани се обратиле со прашања и побарувања што се им треба. Првиот ден беше хаотичен, но ве уверувам дека сега состојбата е уредена и ќе се видат резултатите“, вели Салиу.

Салиу вели дека не чувствува одговорност за координирањето на кризата пред и по невремето.

„Немало можност да се предвиди ваква криза и апсолутно не чувствувам лична одговорност, бидејќи се што сме можеле да направиме сме го направиле“, вели Салиу.