На 30 август, со почеток во 12 часот во Офицерскиот дом во Битола ќе се одржи авторски концерт „Сфера“ на композиторката Ана Пандевска во изведба на пијанистката Дуња Иванова.
„Музиката на Пандевска за првпат со целовечерен концерт ќе се промовира во Битола, градот на конзулите“, се вели во соопштението.
На програмата ќе се најдат пет композиции за пијано и електроника (Фиксен медиум): „Пејзажни атмосфери“ (Ѕвона на моето пијано, Кристални капки, Бели бисери), „Дуња и Дарин“ (Приспивна за Дарин, Дарин и знамињата, Дарин и планетите, Дарин математичарот, Дарин пее „Среќен роденден“), „Квази Бурлеска“ (Пацовот од Дебар маало), „За Џанго“, „Сфера“.
„Композициите ‘За Џанго’ и ‘Сфера’ се напишани во 2025 година, наменски за овој концерт каде и ќе ја доживеат својата премиерна изведба“, истакнува композиторката Пандевска.
Ана Пандевска (1985) своето композиторско образование го започнува рано и уште како средношколец има двомесечен престој во САД, во ,„Interlochen Arts Camp“ на отсекот за композиција. Студира композиција на ФМУ во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде што дипломира во 2010 година. Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор кој преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту пак посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја.
Дуња Иванова (1985), магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Тирана (Албанија), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки, Струшки вечери на поезијата…
Концертот е дел од Годишната програма на Министерство за култура и туризам.