SexEd 2.0: Да зборуваме за задоволството за да не биде забрането овошје

ХЕРА на 28 мај (вторник) од 19 часот во кино „Фросина“ во МКЦ го организира второто издание на SexEd, едукативно-инспиративен настан за сексуалноста и сексуалното и репродуктивното здравје, кое годинава е посветено на задоволството и врските.

На сцената своите лични искуства и согледувања ќе ги споделат пет говорници и говорнички од Македонија, Србија и Шведска.

„Опасно чудовиште? Забрането овошје? Омилен вентил? Неопходно гориво? Единствен извор на чувството на бесмртност… кое, пак, му дава смисла на секојдневното преживување? Задоволството е матрица за сите видови животни трансакции: попопуларно е и од фудбалот, замена за сите видови дрога, лек за многу видови болештини – насекаде низ светот“, стои во најавата за настанот.

Од ХЕРА велат дека нема поевтина забава, нема попосакувана екстаза – било насамо или во друштво.

„Неретко нѐ поврзува и со врски на романтика, благодарност и љубов. А што му даваме за возврат? Во најголем дел, барем досега, страв, прекор, гнасење и осуда. И молк.  Е баш затоа, на 28 мај му го посветуваме нашиот втор SexEd! И по вторпат ќе зборуваме пред публика, на микрофон! Зошто ни е толку важно задоволството? Затоа што така сме направени. Зошто ни е толку важно да дојдете? Затоа што табу темите нема сами да се срушат!“, соопштуваат од ХЕРА.

Сите заинтересирани што сакаат да ги слушнаt приказните од прва рака, можат да се пријава ТУКА. SexEd е отворен за сите.

„Нашите говорници ќе зборуваат на македонски и англиски, а од превод ќе имаме само знаковен“, велат организаторите.