На сцената на Националната опера и балет на 3 април 2026 година, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – едно од најпознатите дела од светскиот оперски репертоар, кое со децении ја воодушевува публиката ширум светот.
Изведбата ќе се реализира под диригентската палка на Бисера Чадловска, додека режијата е доверена на Урсула Хорнер. Сценографијата ја потпишува Марија Ветероска, а костимографијата Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, додека за хорот е задолжена Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа настапуваат Марјан Јованоски, Биљана Јосифов, Благој Нацоски, Владимир Саздовски, Невен Силјановски, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски и Филип Мирчевски. На чембало ќе настапи Елена Сиљаноска, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Севилскиот бербер“ важи за ремек-дело на Росини, препознатливо по својата динамика, духовитост и виртуозни музички решенија. Операта изобилува со комични ситуации и брзи дијалози, а особено се издвојува славната арија „Largo al factotum“, преку која ликот на Фигаро повеќе од два века ја освојува публиката. Делото носи љубовна приказна исполнета со пресврти, тајни планови и хумористични недоразбирања, претставени во живиот и раскошен стил на Росини.



