Северна Македонија со скок од 14 места во слободата на медиумите според „Репортери без граници“

Република Северна Македонија напредуваше за 14 места според Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2019 година. Земјава, во најновиот извештај, се најде на 95-тото место од вкупно 180 држави во светот, што претставува најдобар резултат од 2012 година.

Северна Македонија, која минатата година беше на 109-тото место, сега се наоѓа во друштво на африканските држави Либерија, Мавританија и Бенин, а и покрај големото подобрување останува меѓу најлошите држави од регионот според слободата на медиумите. Земјава е полошо рангирана од Словенија (34-то место), Босна и Херцеговина (63), Хрватска (64), Грција (65), Косово (75), Албанија (82) и Србија (90). Полошо позиционирани од Северна Македонија на индексот се Црна Гора (104-то место) и Бугарија (111).

Репортери без граници со „мало подобрување“ го наслови коментарот посветен на ситуацијата во Северна Македонија во кој посочуваат дека и покрај тоа што изминатава 2018 година ситуацијата со слободата на медиумите е стабилизирана, новата Влада сè уште го нема донесено законот за аудио и аудиовизуелни услуги и покрај ветувањата по доаѓањето на власт.

„Па, така, во меѓувреме, јавниот медиумски сервис продолжува да служи на интересите на поранешната владејачка конзервативна партија ВМРО-ДПМНЕ. Легислативата околу клеветата и достапноста до јавни информации треба да претрпи измени. Контроверзните законски одредби со кои на Државната изборна комисија им се овозможува да го следи изборниот процес на електронските медиуми беа донесени без дебата и консултации. Исто така е загрижувачки што високи владини функционери воспоставиле пракса на навреди или закани кон новинари. Сепак прогрес е направен во поглед на безбедноста на новинарите – бројот на напади на новинари во 2018 година била само една третина од бројката во 2017. Сепак, вкоренета е културата на неказнивост и само два од 59-те напади врз новинари регистрирани во последните години биле истражени и решени. Ова е далеку од потребното ниво за да се обесхрабрат оние кои се одговорни за ваквите напади“, наведуваат од Репортери без граници.

Индексот оваа година е насловен „круг на страв“ и покажува како омразата кон новинарите прераснала во насилство и придонела за зголемување на стравот. Бројот на земји кои се означени како безбедни, во кои новинарите можат да работат целосно безбедно, продолжува да се намалува, додека авторитарните режими продолжуваат да го стегаат обрачот околу медимите.

Состојба со слободата на медиуми во светот според најновиот Индекс на Репортери без граници

На дното на листата според Репортери без граници е Туркменистан, а во најлошите пет држави за медиумите се уште и Северна Кореја, Еритреја, Кина и Виетнам.

На првото место оваа година повторно се најде Норвешка, а во првите пет најслободни земји за новинарите се наоѓаат и Финска, Шведска, Холандија и Данска.