Северна Македонија и САД потпишаа меморандум за безбедност на 5G технологии

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на Соединетите Американски Држави Кеит Крач, вчера потпишаа меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии.

Со овој документ, државите ќе ја зајакнат соработката за спроведувањето на 5G технологијата која е во согласност со македонскиот Национален оперативен бродбенд план, усвоен минатата година.

„Имајќи ги предвид предностите на безжична комуникација од 5G генерацијата, овој меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност. 5G ќе овозможи огромна низа нови апликации, вклучително и обезбедување клучни услуги за јавноста, што ќе им користат на нашите граѓани и на нашата економија. Зголемените количини на податоци дополнително ќе ги поврзат економиите во светот, вклучително и Северна Македонија и САД и ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговија“, изјави премиерот Заев.

По потпишувањето на меморандумот, премерот Заев и Потсекретарот Крач, се осврнаа на важноста од потпишувањето на овој меморандум, особено што Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ и со оние на Соединетите Американски држави.

Северна Македонија и САД ја нагласија важноста за поттикнување учество на релевантни и доверливи мрежни добавувачи на хардвер и софтвер на 5G пазарите, земајќи ги предвид проценките за ризик и промовираат рамки кои ефикасно ги штитат 5G мрежите од неовластен пристап на трети страни.

Потсекретарот Крач нагласи дека со овој меморандум Северна Македонија се приклучува и на групата од 27 земји членки на НАТО, кои се дел од „Чиста мрежа“ (Clean Network).

Како што рече тој, овој меморандум ги адресира ризиците и ги зема во предвид безбедните интернет мрежи кои се од витално знаење за националната безбедност, економскиот просперитет и стабилност во регионот.