Северна Македонија и формално стана 30-та членка на НАТО

Република Северна Македонија и официјално стана триесеттата членка на НАТО Алијансата откако денеска преку македонската амбасада во Вашингтон американскиот Стејт Департмент беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор.

„27 март се запишува со златни букви во нашата историја. Ја остваривме првата од двете стратешки цели. Го исполнивме сонот на сите генерации кои се вградија во остварувањето на деценискиот стремеж нашата татковина да ја направиме членка на НАТО. Од денеска сме дел од глобалните процеси, и заедно со нашите партнери во Алијансата стануваме фактор за стабилност и безбедност во регионот, и заеднички со нашите сојузници ќе се справуваме со сите закани за сигурноста, безбедноста и ќе го чуваме мирот во светот“, напиша Премиерот Оливер Спасовски на Фејсбук.

„Беше долг пат, но вашите напори се исплатеа“, напиша Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Денес ѝ посакуваме добредојде на Северна Македонија во НАТО како наш 30-ти сојузник“, порача американскиот државен секретар Мајк Помпејо.

Во понеделник во Седиштето на НАТО во Брисел ќе биде организирана церемонија на подигање на македонското знаме, на која се планира да и’ претходи слична свеченост во Врховната команда на НАТО сојузничките сили за трансформација во Норфолк во Вирџинија, САД.

„Историска победа на нашата генерација – Република Северна Македонија од денеска е полноправна 30-та земја членка на НАТО, најмоќниот воено политички сојуз на денешнината. Нека ни е честито“, објави Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска на социјалните мрежи.

„Ова е историски момент којшто им припаѓа на сите граѓани на нашата земја и на плејада политичари и визионери кои макотрпно во текот на изминатите три децении работеа да се оствари идејата за побезбедна и попросперитетна татковина. Членството на нашата земја во НАТО се случува во вонредни околности кога светот и човештвото се справуваат со можеби најголемиот глобален предизвик по Втората светска војна. Заради овие состојби чинот на одбележување на денешниот настан е скромен, но тоа на ниту еден начин не го намалува историското значење на овој успех“, рече Министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На 2 април, за прв пат како земја-членка, министерот Димитров ќе ја претставува Северна Македонија на министерско ниво.