Северна Кореја VR – поглед кон најзатворената земја на светот во виртуелна реалност

Шведски стартап создаде фасцинантно искуство во виртуелна реалност со цел да ја пополни празнината за тоа како изгледа секојдневниот живот во главниот град на најзатворената држава.

Иако изгледа како обично видео во 360 степени, со платформата SceneThere корисниците ја имаат можност да комуницираат со видеото и да останат во тој свет подолго време, односно да истражуваат со свое темпо.

„Ние сме заинтересирани во видеа во 360 степени. Тие се одличен медиум за да се истражуваат неверојатни места – не ја „врамуваат“ реалноста, туку всушност се оди и се гледа тоа што е таму. Но, ограничени се“, вели Маркус Олсон, ко-основач и извршен директор на шведскиот стратап SceneThere.

„Досега не беше возможно да се смени позицијата на камерата, тоа беше оставено во рацете на режисерот. Ние им даваме шанса на луѓето да одат наоколу и да истражуваат сами“.

Од врвот на кулата Џуче во Пјонгјанг, корисниците можат слободно да шетаат низ Мансу Хил, каде статуи од Ким Ил-сунг и Ким Џонг-ил високи по 22 метри доминираат со градот. Се гледаат и луѓето кои патуваат со јавен превоз, или децата кои возат ролери на плоштадот Ким Ил-сунг, кој вообичаено е полн поради воени паради.

Олсон ги собрал снимките во септември 2016, за време на посета на Северна Кореја организирана од Choson Exchange, невладина организација која организира образовни тренинзи за луѓе во бизнис сферата, финансии, законодавство и економија.

„Не знаев многу за Северна Кореја и се што можев да најдам на интернет беа видеа од паради или официјални снимки од режимот“, вели тој. „Затоа, ги купив моите камери кои снимаат во 360 степени, со идејата да ги претворам во виртуелна реалност за нашата платформа“.

Снимајќи во Пјонгјанг со опремата – шест ГоПро камери врзани на шипка – било изненадувчки лесно, според Олсон.

„Ги немав истите рестрикции како туристите или новинарите, бидејќи бев таму да одржам говор и да ги едуцирам Севернокорејците за стартапи“, вели тој.

„Новинарите беа многу контролирани за тоа што можат да снимаат. За нив е потешко да дојдат во контакт со секојдневното искуство“.

Секако, вели Олсон, тоа не значело дека тој и неговата придружба можеле да видат и снимат се. Северна Кореја е една од најрепресивните земји во светот, а строгото надгледување е насекаде.

„Ова не е истражувачко новинарство. Никогаш не бевме сами додека снимавме“, вели тој. „Бевме спречени и да снимаме акробатско шоу во циркус“.

Сепак, Северна Кореја VR нуди поглед кон животот во главниот град кој е уникатен, како рибари кои чекаат улов, или жителите на Пјонгјанг кои ги патуваат наутро крај реката Таедонг.