Северна Кореја направи „клон“ на Фејсбук кој веднаш беше хакиран

Веб страница регистрирана во Северна Кореја се појави на интернет во петокот. Се работи за социјална мрежа која изгледа речиси исто како Фејсбук: сино-бела шема на бои, можност да се додаваат пријатели, да се објавуваат статуси, да се „лајкува“, коментира и споделува.

Откако вестите се проширија дека веб страницата постои, Motherboard јави дека сајтот е хакиран од 18-годишен студент од Шкотска.

Откако ја разгледал страницата, Ендрју МекКин кликнал на „админ“ линкот на дното, по што се појавила страница за логирање. Од таму, ги погодил корисничкото име и лозинката многу лесно: admin и password.

Оттаму, имал комплетна контрола над веб страницата. МекКин изјавил за Motherboard дека можел „да бриши и суспендира корисници, да го смени името на страницата, да цензурира одредени зборови и да менаџира со рекламите, како и да ги види мејловите на сите“.

Хакирањето било забележано бидејќи МекКин променил едно од местата за реклами за на него да пишува, „Uh, I didn’t create this site, just found the login… @mckeany_“.

МекКин исто така ја преименува веб страницата во „Социјалната мрежа на најдобрата Кореја“.

Веб страницата е моментално непристапна, и не е познато дали МекКин сѐ уште има контрола над неа.

Целата идеја за Фејсбук клонот на Северна Кореја е интересна, бидејќи Северна Кореја речиси и нема пристап до интернет. Има многу малку корисници на интернет и многу веб страници се блокирани, меѓу кои и Јутјуб, Фејсбук и други.

Доменот на веб страницата – .kp – посочува на Северна Кореја, но нејзиното име – starcon.net – алудира на јужнокорејската компанија Starcon, која им помага на стартапи да направат свој веб сајт. Серверите на повеќето севернокорејски веб страници се лоцирани во Кина, не во Северна Кореја, па доменот .kp е многу ретко.