Северна Кореја го ослободи затворениот американски студент кој бил во кома цело време

Американскиот студент Ото Вармбиер е ослободен од затвор во Северна Кореја, но неговите родители велат дека една година бил во кома.

22 годишниот Вармбиер бил осуден на 15 години тешка работа за обид за кражба на пропаганден знак од хотел.

По неговото пристигање во Охајо, доцна синоќа, бил однесен со амбуланта во медицинскиот центар на Универзитетот во Синсинати, пренесе ББЦ.

Кој е Ото Вармбиер?

Ото Вармбиер е студент по економија на Универзитетот во Вирџинија. Во Северна Кореја заминал како турист преку „Младите пионери“, кога бил уапсен на 2 јануари 2016 година.

Еден месец подоцна, се појавил на емоционална пресконференција во кога во солзи признал дека се обидел да украде знак како „трофеј“ за американската црква.

„Целта на мојата задача беше да наштетам на мотивацијата и работната етика на народот во Кореја“, рекол тогаш.

Пропагандниот знак, за кој Вармбиер бил осуден

Поранешни притворени во Северна Кореја во минатото ги повлекле своите обвиненија со изговор дека биле дадени под притисок.

По краткото судење на 16-ти март, Вармбиер добил 15 годишна затворска казна за „кривични дела против државата“.

Неговите родители Фред и Синди во мај, за СНН, изјавиле дека немале никаков контакт со нивниот син повеќе од една година.

Каква е неговата ситуација сега?

Во соопштението од вчера неговите родители велат:

„За жал, тој е во кома и кажано ни беше дека тој е во таква состојба од март 2016. Дознавме за ова само пред една недела“.

Нив им било кажано дека Ото заболел од ботулизам кратко по неговото судење. Се работи за ретка болест која предизвикува парализа. Од тогаш му биле давани лекови за спиење и се наоѓал во кома.

Висок припадник на безбедносните служби на САД, за Њујорк Тајмс рекол дека според нивните разузнувачки информации Вармбиер често бил тепан додека бил во затворот.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во своето соопштение на ја спомнал болеста, изјавувајќи само дека тој е на пат дома каде што ќе биде заедно со неговите родители и дека нема да дава дополнителни коментари од почит кон приватноста на семејството.

Според официјалните информации, уште три други американски државјани се во притвор во Северна Кореја.