Северна Ирска им дозволи на геј мажите да донираат крв, но само ако немале секс цела година претходно

Забраната за геј мажите да донираат крв во Северна Ирска е конечно укината. Наместо тоа, стапува на сила систем на „едногодишно одложување“, кој во останатите држави од Велика Британија постои од 2011 година. Тоа значи дека отсега хомосексуалните и бисексуалните мажи ќе можат да донираат крв дури цела година откако последен пат имале сексуален контакт со маж.

Министерката за здравство, Мишел О’Нил, ја најави промената во јуни.

„Како министерка за здравство, моја прва одговорност по ова прашање е безбедноста на пациентите“, вели таа. „Податоците од надзор од Англија, Шкотска и Велс и резултати од анкети од северот на Ирска даваат докази дека ризикот е понизок доколку важи правилото за едногодишно одложување“, вели таа.

Забраната за донација на крв од страна на геј мажи беше воспоставена во Обединетото Кралсво, за време на кризата на ширење на ХИВ/СИДА во 80-тите. Но, во 2011 година беше укината во Англија, Шкотска и Велс.

Моменталното правило е се уште критикувано поради тоа што е дискриминирачко кон хомосексуалците, како и дека е непромислено што Службата за крв и трансплантации на Националниот здравствен сервис води кампања за повеќе донации на крв, додека мнозинството геј мажи не смеат да донираат. Владата вели дека ќе го ревидира законот, и наместо надзор на сексуалната ориентација, ќе врши надзор на сексуалното однесување на сите донатори.