„Северен пол” со американска премиера во МоМА во Њујорк

„Северен пол” на режисерката Марија Апчевска-Петровска ќе ја има својата американска премиера на 25-ти април во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк.

Филмот ќе се прикажува во рамките на 51-то издание на престижниот фестивал „Нови правци/Нови филмови“, кој ќе се одржува од 20-ти април до 1-ви мај.

„Повеќе од половина век, фестивалот ги слави филмаџиите кои зборуваат за сегашноста и ја предвидуваат иднината на кинематографијата и чии смели дела го изнесуваат на површина неочекуваното на впечатлив начин. Овогодинешниот фестивал ќе претстави 26 долгометражни и 11 кратки филмови, вкупно 39 режисери, од кои 21 се жени, пред љубителите на филмот во кината во МоМА и Линколн центар“, се вели во соопштението.

Филмот, во продукција на Кино Око, досега учествуваше на повеќе од 40 интернационални фестивали и освои неколку награди како и номинација за Европските филмски награди (EFA) и се квалификуваше за наградата Оскар.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Биљана Гргур, дизајн на шминка Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг Кирија А. Николоска. Продуцент  е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ од Сервиа Филм, Миодраг Поповиќ од Форгрејд од Србија и Петер Шекереш од Тиволи продукција од Унгарија.

„Северен пол” е финансиски е подржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Српскиот филмски центар.