Sesame Street создаде нов лик со аутизам за да ја подигне свеста за болеста

Авторите на познатата детска програма претставија нов лик, со надеж дека ќе помогне во подигање на свеста за децата со аутизам.

Веќе 67 години децата ширум светот ја гледаат Sesame Street. Мисијата на оваа детска ТВ програма е да им помогне на децата да пораснат во „посилни, попаметни и пољубезни“.

Затоа, луѓето кои стојат зад оваа серија, изминатата недела претставија нов лик.

Julia, новиот член на екипата на Sesame Street, има светлопортокалова коса, зелени очи и сака да оди на лулашки со Elmo. Но, Julia не одговара на прашањата веднаш и видливо се вознемирува кога има бучава. Таа е аутистична, исто како и едно од 68 деца во САД, како што кажуваат податоците на Центарот за превенција и контрола на болестите на САД.

Jeanette Betancourt, една од потпретседателките во организацијата Sesame Workshop, вели дека им требале три години за истражување и консултации со експерти од разни институции, како Центарот за студии за деца на Јејл, за Julia да оживее.

„Работевме со коалиција на разни организации за аутизам. Разговаравме за прототипите со семејства кои имаат деца со аутизам, односно со аутистични деца“, објаснува Betancourt.

Julia е дел од онлајн иницијативата „Sesame Street и аутизам: Гледајте го чудесното во секое дете“, која е покрената со цел да се подигне свеста за аутизмот и да се намали врсничкото насилство во училиштата.

Засега Julia, која е опишана како стара пријателка на Elmo, нема да се појавува на ТВ програмата, туку во дигиталните книги кои се достапни на интернет и во печатено издание.

Аутистичните деца се однесуваат различно – некои не можат да одржат контакт со очите, некои се пречувствителни на бучава, а понекогаш овие деца не можат да разговараат.

За творците на Sesame Street, Julia ќе помогне да се надминат проблемите на стигматизирање и изолирање.

Според некои истражувања, шест од десет деца со аутизам доживеале врсничко насилство.

Некои експерти веруваат дека ова е позитивен чекор и се надеваат дека Sesame Street ќе ја прошири оваа иницијатива.

„Децата се особено визуелни суштества и се развиваат додека си играат и додека создаваат уметност“, вели Shireen Yaish, психотерапевтка и основачка на Центарот за терапија со уметност во Аман, главниот град на Јордан.

„Затоа вклучувањето на аутизмот во оваа серија, која е популарна и едукативна, не само што ќе помогне да се прифати фактот дека постојат аутистични деца, туку ќе помогне и децата да го разберат аутизмот и да бидат толерантни и да го прифатат“, истакнува Yaish.

Извор: Al Jazeera Balkans