Серијалот филмови „Декалог“ на Кшиштоф Кешловски во Кинотека

Почнувајќи од 27 ноември, наредните десет вечери во кинотечното кино при Кинотеката на С. Македонија,  ќе бидат посветени на полскиот режисер Кшиштоф Кешловски и неговата филмска серија „Декалог“, реализирана во 1988 година.

Како што пишува Стојан Синадинов во својот текст „Теофил(м)ските огледи на Кшиштоф Кешловски“ , во 1988 и 1989 година во копродукција на полската национална телевизија, Zespol Filmowy “Tor” (Полска) и Sender Freies Berlin (SFB) од Берлин (поточно делот од градот што му припаѓаше на тогашна Западна Германија), ја сними филмската серијата „Декалог“ составена од десет едночасовни филмови базирани на Десетте Божји заповеди.

Иако од продукциски аспект „Декалог“ формално е телевизиски формат на филмска серија, тој беше еден од најзабележаните остварувања во европската кинематографија и пошироко на крајот на минатиот век. „Декалог“ на почетокот бил замислен како проект на десет различни автори, но во интерес на продукцијата Кешловски ја презема режијата на сите десет епизоди, но и двата посебни долгометражни филма, „Краток  фим за убивањето“ (Krótki film o zabijaniu; според ДЕКАЛОГ: 5) и „Краток филм за љубовта“ (Krótki film o miłości; според ДЕКАЛОГ: 6). Кешловски ја започнал и претпродукцијата на долгометражната верзија на деветтата епизода – ДЕКАЛОГ: 9 (Dekalog 9 / Thou Shalt Not Covet Thy Neighbor’s Wife) – со намера да го сними „Краток филм за љубомората“, но заради исцрпеност никогаш не ја реализирал: тоа би бил дури 13 негов филм во периодот 1988-1989 година.

Кшиштоф Кешловски е од оние благородни филмски автори кои, веројатно, на полската и европската кинематоргафија дале повеќе отколку што добил од нив. Затоа, не случајно, е наречен и „последниот европски моралист“.
Кешловски, дипломец на славната филмска академија во Лоѓ – каде што образование стекнале и неговите постари колеги Роман Полански и Анджеј Вајда – кариерата ја започнал како документарист. Таа „нота“ ќе биде присутна и во неговиот игран опус: можеби најмногу токму во ДЕКАЛОГ. Кешловски во неговата 30-годишна професионална кариера – за жал, мајсторот на филмот почина релативно рано, на 55-годишна возраст – има забележано четириесетина наслови.

Филмската критиката пред 30 години беше вџашена и воодушевена со „Декалог“. Првенствено гледаше во него силна социјално критичка нота за сивиот соцреализам во Полска – тие тонови беа присутни и во претходните негови остварувања – но потоа сфати дека никогаш претходно не беа толку интензивирани како во ДЕКАЛОГ. Затоа ДЕКАЛОГ на Кешловски е естетски меѓник во светската кинематографија: можеби ќе изгледа претерано, но „Декалог“ е една од темелните норми на филмската естетика наменета за телевизискиот медиум од крајот на минатиот век, што денес е општоприфатено како формат на филмска серија на дигиталните платформи како „Нетфликс“…

Кешловски во десет епизоди го компримира тој теофил(м)ски поглед на свет. Навидум ладнокрвниот убиец во „Декалог“: 5 и КРАТКИОТ ФИЛМ ЗА УБИВАЊЕТО (епизодата од ДЕКАЛОГ не ги содржи сите морничави сцени) е исплашен од смртната казна; сцените со подготовките за неговото бесење и самата егзекуција и ден денес се ненадминлива визуелна креација на Кешловски и кинематограферот Славомир Иџиак (Slawomir Idziak). Импресивната кинематограферска работа на Иџиак е неможна без техничката фуснота дека тој при снимањето користел повеќе од 600 различни филтри за да ја постигне посакуваната мрачна димензија на филмот. Вреди да се напомене дека Кешловски ја снимил ДЕКАЛОГ со 9 различни кинематографери! Освен Иџиак, тоа се Витолд Адамек (Witold Adamek), Веслав Здорт (Wieslaw Zdort), Едвард Клосински (Edward Klosinski), Пјотр Собочински (Piotr Sobocinski), Кшиштоф Пакулски (Krzysztof Pakulski), Дариуш Куц (Dariusz Kuc), Андреј Јарошевич (Andrzej Jaroszewicz) и Јацек Блавут (Jacek Blawut).