„Сепак се врти“ вечер почнува во Битола

Фестивалот „Сепак се врти“, кој годинава ќе ја „сврти“ Македонија од 2 до 11 мај, стартува вечер (петок, 2 мај) во Битола.

Караванот застанува во Старата битолска чаршија, каде „Гола Планина“ со заеднички сили со „Пондер“ и бендовите најавуваат „гаражерско лудило“

„Фестивалот е бесплатен, но за да ја продолжиме оваа иницијатива, ви препорачуваме да нѐ поддржите со донација, која ќе можете да ја предадете во соодветната донациска кутија. Таму ќе сме! Се гледаме. Препорачана донација: 300 денари“, стои во најавата.

Доколку посетителите сакаат да поддржат фестот, а притоа да си обезбедат едно физичко парче фестивалски спомен, ќе има маички за продажба, повторно испечатени од неуморната дружина на „Партизанска штампа“.

Во однос на саатницата и редоследот на настапи, во 20:30 часот прв треба да излезе составот „Мрша“.

„Леш на човеколика ѕверка лежи соголен и непронајден во некој шкаф на Белата палата. Очигледно е: сѐ околу него се распаѓа. Платата мириса јалово, грдо, расипано. Се шири распадливоста и во врелата смола на загубата се раѓа – како микроб способен за автопоеза – промената. Во промената, и со неа, живеат МРША“, стои во најавата.

Бендот „Мрша“, како што велат тие, има единствена цел да го преточи произволниот хаос што ечи над нивната гаража во милозвучно искуство.

„Сржта на ‘Мрша’ е во нивната недефинираност – жанровска, составна и метафизичка. Во ниеден момент не се знае што следно ќе музицираат, ниту пак со кого. Доколку мора да се опише звукот, најсоодветно би било да се наведат термините гараж, краут, дум, сурф. Самото име е одраз на нивната ентрописка природа: бендот што постојано се распаѓа“, потенцираат организаторите.

По нив во 21:30 на сцена ќе се качат „Строг пост“ –  трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани).

Тие – како што самите велат – создаваат музика која осцилира на честопати невидливите граници помеѓу и онака провизорните жанрови стонер рок, психоделичен рок, дум метал, пост рок, панк џез, амбиент и слично, сите филтрирани низ внимателно изработено, експериментално сито и решето.

„Музиката е набиена со брутални и заразни рифови, стегнати во ритам секција која би наликувала на менгеме, кога би сакале визуелно да си ја претставиме. Во 2024 го издадоа својот истоимен деби албум како прво издание за етикетата ‘Аксиома’“, посочуваат од фестивалот, додавајќи дека иако е пост, ќе биде мрсно, во Битола.

„Дали кога е постот строг, иако јадењето (секако) не е мрсно, самиот пост станува мрсен на музички начин, како кога велиме дека некоја тешка музика е мрсна, бидејќи строгиот пост е тежок? Не знам“, се вели во најавата.

Младите панкери „Хајка“ ќе бидат од 22:30 часот. Нив едно време ги снема, се „распаднаа“, па пак се составија и направија неколку свирки изминатиов период.

‘Хајка’ се група од Скопје кои свират моторична мешавина на панк и пост-панк со елементи на денс. Со возбудливите настапи во живо, тие доаѓаат во Битола, прво на пиво на широк сокак, а потоа на свирка во старата чаршија. Исто така спремаат нов албум“, откриваат организаторите.

Финалето од 23:20 часот е резервирано за „Pondskull“, или во музички превод „черепдроб“.

‘Pondskull’ комбинира елементи од многу различни електронски жанрови, со ритми од футворк, тапани од драм енд бејс, висок број на удари во минута и брутален шум – нејзината музика е аудитивен напад“, стои во најавата.

Инаку, фестивалот лани се одржуваше како целодневен концепт, а „голопланинци“ и пријателите годинава решија да го тераат во вид на караван. Па така, по Битола караванот ќе помине во Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово и Скопје.

Целта, меѓу другото, е да се прикаже богатото македонско музичко оригинално творештво, особено на новиот бран уметници, а притоа да се пркоси на зачмаеното стоење во место со музика и другарство.

Бојан Шашевски