Во врска со појавата на случај на корона вирус во државата, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) повикува медиумите да се однесуваат професионално и етички и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника кај јавноста.
„Информирањето во вакви случаи, според Кодексот на новинарите (член 8), мора да биде ослободено од сензационализми. Медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните“, соопштија од СЕММ.
Во соопштението до јавноста од Советот посочуваат и дека медиумите треба внимателно да им пристапуваат на информациите со коишто се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата.