СЕММ: Онлајн медиумите се најчести прекршители на новинарските стандарди

Показателите за бројот и видот на претставките упатени до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на минатата година покажуваат дека етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се прекршуваат од Советот за етика во медиумите (76,5%), а потоа од телевизиите (17,6%), а од печатените весници и неделниците (4,4%). 

Од вкупно 68 поплаки поднесени до Комисијата во текот на минатата година, најголем број се од граѓаните (33,8%), потоа од медиуми и новинари (25%), од организации и здруженија од граѓанскиот сектор (22,1%), а од носители на јавни функции, институции и политички партии (19,1%). Од донесените 68 одлуки, во 38 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, а 16 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата. 

За СЕММ е најзагрижувачки фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации (во 60,5 % од случаите)  и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот (во 34,2% од случаите). Во 31,5% од регистрираните случаи новинарите не ја негувале културата на говор и не го почитувале принципот на примерна комуникација со јавноста. 

„Особено загрижува и тоа што 23,7% од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи“, истакнуваат од СЕММ. Додаваат и дека публиката, која се информира главно од онлајн порталите или од други медиуми кои не ги почитуваат правилата на етичкото новинарство, станува лесен предмет на манипулација поради големиот број фабрикувани или полувистинити информации.

СЕММ ги повикува сите медиуми да работат со професионален интегритет и да се заложат за доследна примена на основните принципи на етичкото новинарство. 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.