СЕММ: Медиумите да не шпекулираат, а надлежните да престанат со неофицијални брифинзи за коронавирусот

Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) реагира на тенденцијата на медиумите во последните денови да шпекулираат со број на новозаразени и починати граѓани како последица на коронавирусот.

Потсетувaт на првиот член од Кодексот на новинарите што наложува информациите да бидат точни и проверени.

„Со оглед на тоа што се работи за исклучително чувствителни вести, поврзани со здравјето и со животот на граѓаните, одговорноста во информирањето би требало да биде максимална, а пристапот професионален и ослободен од сензационализам или битка за ексклузивитет“, реагираат од СЕММ.

СЕММ истовремено апелира до надлежните да престанат со неофицијални брифинзи со кои, велат тие, апсолутно не помагаат во креирањето на здрав и одговорен јавен дискурс.

„Ситуацијата во којашто се наоѓаме бара сериозен однос кон процесот на информирање на населението од страна на сите актери задолжени за комуникација, без импровизации и без шпекулации, а со консултација и цитирање на строго официјални извори во однос на бројката на заразени и починати“, се вели во реакцијата.

СЕММ ја повикува јавноста, колегите и претставниците на граѓанскиот сектор и на институциите, да реагираат со поднесување на жалба до Канцеларијата на СЕММ секогаш кога ќе наидат на новинарски производ што сметаат дека е надвор од професионалните стандарди.