СЕММ апелира медиумите да не шират невистини, насилство и поделеност меѓу луѓето

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) со загриженост реагира на, како што велат, зачестените случаи на ширење шпекулации, еднострано известување и невистини преку некои медиуми, особено во контекст на сегашната политичка ситуација и по потпишувањето на договорот за името со Република Грција.

Според СЕММ, загрижува фактот што се забележуваат случаи на известување кои содржат повици за мобилизација на граѓаните во одбрана на одредени интереси, кои неретко се пренесувани и од социјалните мрежи.

„Потсетуваме дека медиумите не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството, а особено на член 10 од Кодексот кој вели дека ‘новинарот нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа’. Медиумите мора да го почитуваат Етичкиот кодекс, бидејќи во спротивно последиците од непридржувањето кон неговите одредби би можеле да бидат фатални“, соопштува СЕММ.

СЕММ апелира на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци.

„Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство. Тие не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и други поединци и групи, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните на Република Македонија“, потенцираат од Советот.

Очекуваат од медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност меѓу луѓето, туку, велат од Советот, да бидат посредник и платформа за активен дијалог за прашања од јавен интерес, а во тоа да се предводат од принципите на професионално известување.

Потсетуваат дека потребата од професионално однесување на сите медиумски чинители се нотира и во овогодинешниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на РМ.

„СЕММ, исто така, апелира до институциите на системот да обезбедат максимална заштита на новинарите и безбедност при известувањето. Ова саморегулативно тело продолжува да го набљудува начинот на информирање на медиумите и ќе повикува на доследно почитување на Кодексот на новинарите и професионалните стандарди во известувањето“, стои во соопштението.