Семејството на студентка која починала во нападите во Париз ги тужи социјалните мрежи

Семејството на Нохеми Гонзалез поднесе тужба во вторникот во Сан Франциско, тврдејќи дека Твитер, Фејсбук и Гугл обезбедуваат „материјална поддршка“ на ИСИС при организирање на терористичките напади.

Студентката на дизајн, по потекло од Калифорнија, починала во терористичкиот напад во Париз, на 13-ти ноември минатата година, додека била на студиска размена. Нејзините најблиски сметаат дека Твитер, Гугл и Фејсбук обезбедуваат „материјална поддршка“ на терористичката група. Тие поднеле тужба до федералниот суд во Сан Франциско, барајќи од него да пресуди дека компаниите го прекршуваат Законот за антитероризам на САД. Изјавиле дека очекуваат отштетата за емоционална болка да биде одредена од судот, пренесува Guardian.

„Со години, тужените свесно и дозволувале на терористичката група ИСИС да ги користи нивните социјални мрежи како алатка за ширење на екстремистичка пропаганда, да собираат финансии и да привлекуваат нови регрути“, пишува во тужбата.

Во неа, семејството на Гонзалез обвинува дека материјалната поддршка на компаниите и овозможила на Исламска држава да регрутира следбеници, и да изведе бројни терористички напади, како нападите во Париз, каде починаа 130 луѓе, меѓу кои и Гонзалез.